Поранешниот професионален фудбалер Дејвид Бекам (45) во новата кампања против маларија е прикажан како 70-годишен човек кој зборува од иднината, а со оваа објава привлече огромно внимание кај фановите.
Имено, славниот фудбалер е заштитно лице на новата кампања која се бори против маларијата – смртоносна болест која ја пренесуваат комарците и која заразува милиони луѓе секоја година.
Повеќе од 400.000 луѓе починаа од оваа опасна болест во 2019 година, пренесе Светската здравствена организација.
На видеото, Бекам е прикажан како многу постар маж кој зборува од иднината кога маларијата, наводно, веќе не постои.
Рекламата е снимена од страна на добротворната организација “Malaria No More UK“ и е креирана за да ги охрабри луѓето ширум светот да продолжат да се борат против оваа болест.
– На секои две минути едно дете умира од маларија. Моите деца ме прашаа дали е можно да се победи маларијата. Продолжувајќи да се бориме и работиме заедно, можеме да помогнеме во создавање побезбеден свет. Горд сум на ова ново видео и на ширењето на пораката дека е можна поздрава иднина. Придружете ми се и споделете го видеото „Маларијата мора да умре“ за да можат милиони да живеат во иднина – напиша Бекам во својата објава која привлече големо внимание.
Бекам се занимава со хуманитарна работа од 2009 година и вели дека „тоа е нешто за што навистина се грижи, бидејќи маларијата е голем убиец на децата“.