Почитувани читатели денеска на мое големо задоволство ја имаме можноста како гостин на блогот да го имаме Гоце Пачемски , ПР професионалец кој моментално е ангажиран како советник за односи со јавност и координатор за медиуми во агенцијата “ImagePR“ .
Marketing365: Кој е Гоце Пачемски ?
Гоце : Најтешко ми е кога морам да зборувам за себе си, но сепак… Професионално, од 2005-та година работам во Агенцијата за односи со јавност и комуникациски менаџмент ImagePR од Скопје, една од првите специјализирани агенции за односи со јавност во земјава, како советник за односи со јавност и координатор за медиуми. Претходно, нешто повеќе од две години работев како портпарол и раководител на одделението за односи со јавноста на Министерството за економија. Во периодот од 1996-та до 2003-та година бев новинар и уредник во економската рубрика на вестите на ТВ Сител, како и новинар-истражувач во неделниците „Старт“ и „Капитал“. Приватно сум човек кој ужива во семејниот живот обидувајќи се да ги хармонизира жестоката динамика што ја наметнуваат работните обврски со потребите на семејството.
Marketing365: До каде се стигна со реализацијата на иницијативата за формирање на здружение на стручњаци за корпоративни комуникации и односи со јавност?
Гоце : За жал Македонија е последна земја од регионот во која се формира вакво професионално здружение. Овој факт сам по себе говори на кој степен на развој се професионалните односи со јавноста во нашата земја. За среќа, по неколку неуспешни обиди, верувам дека тековната иницијатива ќе успее. Сегашниот иницијативен одбор кој брои 21 ентузијасти веќе ги подготви сите неопходни документи за основање, по што верувам дека најдоцна до крајот на годинава ќе биде одржано и основачкото собрание на Здружението за односи со јавноста на Македонија.
Marketing365: Која ќе биде основната мисија и кои се целите на здружението?
Гоце : Основна цел за која го формираме Здружението е јакнење и заштита на професијата – односи со јавност. За тоа да го постигнеме, сосема природно е прво да се преброиме, а потоа и да се легитимираме, колку сме и кои сме оние што навистина професионално ја обавуваме оваа дејност во Македонија. Значи, Здружението треба да постави дефиниции, правила, стандарди… и сето тоа да го преточи во документи со кои ќе се утврди кој и на каков начин може да се нарекува професионалец од областа на односи со јавноста. Секако особено значајна улога на Здружението ќе биде да ги штити професионалните интереси на членовите на Здружението, како и континуирано да работи на подигнување на јавната свест за значењето и улогата на професионалните односи со јавноста за развојот на општетсвото во целина. Ова ќе придонесе нашата професија да го добие местото и улогата што ја заслужува во општетсвото, како и да се „исчисти“ од стереотипите, а не ретко и етикетите кои и се прилепуваат заради некои недоразбирања и активности на поединци и субјеткти кои неретко ја злопуотребуват нашата струка заради еднократна лична материјална корист, не размислувајќи притоа каква долгорочна штета и нанесуваат на самата професија.
Marketing365: Дали сметате дека компаниите се доволно информирани за придобивките кои би ги имале од ангажирање на ПР агенција?
Гоце : Во земјава, во најголем дел, ПР агенциите се ангажирани од компании кои имаат странски сопственици, што значи дека свесноста за потребата од професионални односи со јавноста се „увезува“ во Македонија од земјите од каде потекуваат нивните компании-мајки. Засега само мал дел од домашните компании користат услуги од ПР агенции што говори за тоа колку тие се подготвени професионално да комуницираат со своите целни групи од јавноста. Но, сметам дека оваа состојба е само еден показател за нискиот степен на севкупен развој на нашиот економски систем, затоа што корпоративните комуникации се составен дел од него. Ситуацијата ќе се измени кон подобро кога нашата економија и општество во целина, според клучните карактеристики, ќе се доближи до современите развиени земји во кои комуникациите, меѓу кои и односите со јавноста, се интергален дел од сите развојни стратегии.
Marketing365: Кои се профили на кадри се ангажираат во ПР секторот?
Гоце : Македонскиот ПР сектор во овој сегмент ги „прележува“ истите „болести“кои земјите со развиена економија и функционална демократија ги поминале некогаш одамна. Со други зборови, најбаран профил во македонската ПР индустрија се кадрите со искуство во новинарството, што во голема мерка до сега беше и оправдано заради тоа што праксата во доментот на односите со јавност во Македоноја во најголем обем се сведува(ше) на односи со медиумите. Се разбира, очекувам дека сегаштата слика брзо ќе се промени, затоа што современите ефективни односи со јавност и комуникации бараат мултидисциплинарен пристап. Исто така развојот на пазарот на информации се повеќе бара сегментација и специјализација во областа на односите со јавноста. Ваквите трендови ќе наметнат потреба организациите, вклучувајќи ги и Агенциите, се почесто да ангажираат кадри со вештини и знаења од најразлични области. Можеби ќе звучи нескромно, но јас, преку моето искуство можам да потврдам дека знаењето и вештините од други области, освен од новинарството, се добредојдени. Имено, иако моето формално високо образование е од областа на електро-техничките науки, тоа никогаш не беше пречка да ги совладам неопходните вештини од областа на комуникациите. Се разбира, поради потребата од теоретско и научно осознавање на областа во која работам, подоцна оценив дека потребно е да продолжам со обазованитето, па затоа се одлучив за постипломските студии од областа на комуникациите на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје.
Marketing365: Дали сметаш дека маркетинг-менаџерите во Републикава се доволно искористени од бизнис секторот?
Гоце : Не се чувствувам комотно да зборувам за маркетинг-менаџерите, но можам со сигурност да тврдам дека ПР менаџерите не се добро позиционирани во бизнис секторот. Во најголемиот дел од компаниитете, луѓето задолжени за односи со јавноста или корпоративни комуникации немаат советничка функција на менаџментот (компанијата), како што би требало, туку се дел од секторите (оделенијата) за маркетинг и продажба (комерција). Со тоа во суштина на ПР-от му се дава продажна функција што е во директен судир со неговата основна задача – да создава и одржува обострано корисни врски на компанијата со нејзините целни групи (публики) од јавноста и да се грижи за нејзината репутација и имиџ. Ставени во функција на маркетингот и продажбата, односите со јавноста во компаниите се доживуваат од страна на јавноста, најчесто како обид за „бесплатна промоција“, што е неодржива позиција, ниту за ПР-от, ниту за компаниите. Значи не станува збор за тоа дали ПР-менаџерите се доволно искористени, туку за тоа дали тие и тоа што го практицираат се правилно позиционирани во деловните субјекти. Ова е еден од предизвиците на кој треба да работиме како струка при дефинирањето на стандардите на професијата, доколку сакаме јавноста да не разбере и прифати како сериозни професионалци, а не како обични „пакувачи“ на информации или „извртувачи на вистината“, попознати како спинери.