Пред 2 недели во Белград, како што претходно објавив на блогов, се оддржа меѓународна конференција насловена како “Комуникации за 21 век – трендови и предизвици“ во организација на Здружението за односи со јавност на Србија.
Токму овој настан беше поводот што поразговарав со Дејан Андонов, кој беше единствен претставник од Македонија на овој настан наменет за ПР-професионалците од регионов.Повеќе за случувањата на конференцијата, како и за најновите детали од основањето на ЗОЈМ, во интервјуто кое го направив со него викендов.
Дејан Андонов е магистрант по комуникациина Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје.Од основањето на Високата школа, се грижи за планирањето, координирањето и евалвацијата на образовниот процес.Автор е на три документарни филмови – за жртвите на семејно насилство „Живот во сенка“ и два за Програмата на УСАИД за зајакнување на невладиниот сектор во Македонија.Во моментов го координира основањето на првото здружение за односи со јавноста на Република Македонија, што се формира на иницијатива на Високата школа. Повеќе…
Marketing365: Колку конференцијата „Комуникации за 21 век- трендови и предизвици“ ги оправда вашите очекувања? Вредеше ли да се присуствува?
Дејан Андонов : На конференцијата „Комуникации на 21 век – трендови и предизвици“ стручњаците за односи со јавноста од Србија имаа можност да ја скенираат ситуацијата во професијата во таа држава, да резимираат до каде е развојот на секторот и на кои сегменти треба здружено да работат во иднина. На собирот присуствуваа повеќе од 70 стручњаци од различни области и тоа беше одлична можност да се споделат искуства, информации и контакти, но и учесниците да се запознаат со состојбата во секторот за односи со јавноста во Македонија.
Како претставник на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, учествував на панел дискусијата за развојот на комуникациите во регионот, заедно со претседателите на српското, хрватското и словенското здруженија. Тоа што го забележав е дека стручњаците за односи со јавноста во Македонија се соочуваат со истите предизвици и не заостануваат во следењето на трендовите на професијата во регионот.
Меѓутоа, тоа што е предност во Србија, Хрватска и Словенија е што професионалците одамна се здружени и обединето се грижат за унапредување на професијата. Затоа и во моето излагање акцент ставив на основањето на првото Здружение за односи со јавноста во Македонија (ЗОЈМ), кое треба да ја има главната улога во позиционирањето и развојот на професијата.
Marketing365 : На кои теми им беше посветено поголемо внимание на конференцијата?
Дејан Андонов : Говорниците на сесиите главно зборуваа за реалните проблеми со кои се соочува професијата, но неизбежни беа и последните трендови во светот.
Највпечатлив пример за мене беше споредбата на град од 19-ти век со метропола во 21-от век и дилемата што се постави со оваа асоцијација. Дали стручњаците за односи со јавноста се уште треба да се служат со алатки од 19-от век како „превртената пирамида“ или треба да ги прифатат предизвиците од медиумскиот техонолошки развој во 21-от век и начинот на комуникација што тој го наметнува? Што поскоро треба да се сфати нужноста од онлајн односите со јавноста, преку користење на новите медиуми и социјалните мрежи кои се секојдневие на целните групи.
На конференцијата се зборуваше и за тоа како да се наметне потребата за внатрешна комуникација во организаиците, како односите со јавноста да го заземат вистинското место во управните органи, како да се убедат менаџерите дека овие професионалци се одговорни за вредноста и профитот на компанијата, како да се наметне општествената одговорност како начин на размислување и работење, до тоа каков имиџ на државата градат професионалците за односи со јавноста, генерално. Со оглед дека овие теми се актуелни и горливи и за секторот за односи со јавноста во Македонија, беше навистина корисно да се чуе како колегите од регионот се справуваат со нив.
На конференцијата беа презентирани и истражувањето на European Association of Communication Directors (EACD) за 2011 година, во кое не е опфатена Македонија, и книга со студии на случаи за односи со јавноста, во која се собрани искуствата на агенциите, компаниите и институциите од Србија.
Здружението треба да придонесе да се надминат моменталните бариери во секторот – да ја популаризира професијата и доближи до јавноста, да го штити интегритиетот и угледот на струката, да ги подобри професионалните и етичките принципи, да ја подигне свеста за значењето и улогата на професионалните односи со јавноста, да ја зголеми транспарентноста и отчетноста на институциите и компаниите кон јавноста, да ја подобри комуникацијата и соработката со медиумите и да ја поттикне соработката на локално и регионално ниво.
Marketing365 : Дали можеме да очекуваме вакви настани наскоро и во Македонија?
Дејан Андонов : Токму ваквите настани даваат можност да се погледнеме во огледало за да видиме што сме сториле и да се договориме како да ја позиционираме професијата во иднина.
Основањето на првото Здружението за односи со јавноста ќе се случи во сабота (3 декември) во 12 часот на Скопски саем. Оттука, се надевам дека конференција за односи со јавноста би била реална наредната година, но и организирање на различни едукативни програми, издавање на стручни публикации и слично.
Здружението се основа по неколку месечна работа на Иницијативниот одбор, составен од 20-тина стручњаци за односи со јавноста, кои ги поставија главните постулати на функционирање и организациската структура на ЗОЈМ.
Иницијатор за здружување на стручњаците за односи со јавноста е Високата школа за новинарство и за односи со јавноста која за првпат во Македонија акредитираше студиска програма за корпоративни комуникации и односи со јавноста.
**********************************************
Ако Ви се допадна оваа статија, споделете ја со вашите пријатели на социјалните мрежи !