Како што неколку светски медиуми пренесуваат, од пред неколку дена на кинеските радио и телевизиски станици им е забрането рекламирање на скапи подароци како што се часовници, ретки марки и златници – како дел од акцијата на владата во Пекинг со цел да се спречи расипништво и корупција.
“Таквите реклами продуцираат лажни вредности и помагаат во создавање на лоши тенденции на општеството”, се вели во соопштението на Државната администрација за радио, филм и телевизија.
Забраната следи по неколкуте повици на новиот кинески партиски шеф Кси Јинпинг во постојаната борба против корупцијата и злоупотреба на моќта. Кинески производители на луксузни стоки се загрижени дека оваа мерка може да влијае на продажба, бидејќи тие имаа многу платени огласи на телевизија и радио.
Тој во говорот на 22 јануари изјави дека борбата против „мушичките“, односно оние кои се наоѓаат на дното на социјалната скала и кои се вклучени во корупција, е еднакво важна како и борбата против „тигрите“, односно оние кои се на врвот.
Кси предупреди дека неуспехот во искоренување на корупцијата ќе го доведе во прашање опстанокот на кинеската Комунистичка партија, која беше потресена од низата на корупциски скандали на највисоко ниво.