Во време кога комуникацијата меѓу луѓето се ограничува, ограничувањата се уште поголеми и во работата на домашните креативни, маркетинг, ПР, event, медиски и продукциски агенции на кои токму комуникацијата им е во основата на тоа што тие го работат и кои во моментов се соочени дополнително и со ситуација која може да предизвика големи економски штети.
Како ги пребродуваат овие денови на криза предизвикана од ситуацијата со Корона-вирусот ги прашавме домашните агенции:
ИДЕА ПЛУС, Илинка Црвенковска – креативен директор
“Идеа Плус продолжува да работи, со тоа што направивме реорганизација – колегите кои имаат мали деца или користат јавен превоз работат од дома, а останатите од просториите на Идеа Плус, во кои го зголемивме нивото на хигиена. Агенцијата ги почитува индивидуалните потреби на вработените, и сите беа прашани што мислат и како се чувствуваат во врска со моменталната ситуација, со други зборови никој не е принуден да доаѓа. Се трудиме сите состаноци да ги одржуваме преку конференциски видео повици, или да ги замениме со телефонска комуникација или комуникација по електронска пошта. Дел од тековните проекти се одложуваат – сите кои беа поврзани со организација на некакви настани, но голем дел од работата продолжува да тече исто како и до сега, барем во моментот на пишувањето на овој текст. Наш совет до клиентите и компаниите –одржувајте го позитивниот дух меѓу вработените, понудете им секаква помош и поддршка која сте во можност да ја обезбедите. Секоја криза од луѓето на површина го вади или најдоброто или најлошото, потрудете се од вас да го извади најдоброто.”
ЧЕПТЕР 4, Тодор Стојчевски – Извршен директор
“Согласно препораките на државните власти, секако, направивме промени и реорганизација на работата во Агенцијата. Имено, сите колеги што работат сегменти кои не се поврзани со директна комуникација со клиентите, веќе работат во домашни услови. Другите комуникацијата ја реализираат преку алтернативните начини на комуникација, кои веќе се претворија во стандардни (користење социјални мрежи, интернет комуникација, телефонски разговори).
Тековните проекти продолжуваат некако со реализација за клиентите, само се откажуваат настаните кои беа предвидени. Наш совет е овие настани колку што е изводливо и прикладно да се организираат преку технолошките канали за комуникација, како што се вебинари, скајп конференции и работилници, комуникација преку инфлуенсери. Едноставно, да се искористат технолошките изуми за продолжување на комуникацијата со таргет јавностите.
Медиумите, исто така, се прилагодуваат на околностите и едноставно, продолжуваат да ги остваруваат своите функции на информирање, едукација и забава со сопствени сили и со поддршка на Агенциите за односи со јавност и комуникации.
Мора да бидеме позитивни! Радува фактот што и во состојба на криза, клиентите се свесни дека треба да ја задржат или зголемат комуникацијата со своите таргет јавности, но сега преку инвентивни пристапи. Оваа ситуација, всушност, не измести од комфор зоната и не „принуди“ да ги вклучиме мозочните виуги во остварување, на досега, невозможното.
Државата, дефинитивно, треба да го помогне целокупниот бизнис, но не во насока на остварување профит, туку во насока на „преживување“ и задржување на вработените, плаќање а платите и државните давачки, отплата на кредитите или други економски мерки. Посебно за услужните сектори, во кои спаѓаме и ние како комуникациски агенции.”