Бројот на вработени во македонските комерцијални телевизии во 2019 година изнесувал 1382, што споредено со годината претходно кога изнесувал 1496, претставува намалување за 114 вработени, покажува најновата анализа објавена од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Ова намалување е под влијание и на згаснувањето на телевизијата 1ТВ каде во 2018 биле регистрирани 80 вработувања.
Од овие 1382 вработени во телевизиите во 2019 година дури 1.022 лица биле ангажирани во телевизиите кои емитуваат програма на државно ниво, 223 лица во телевизиите на регионално ниво и 137 во локалните телевизиски станици.
Што се однесува до структурата на вработени очекувано доминираат новинари (452 лица) и реализиторски кадар (415 лица). Во секторите за маркетинг на домашните приватни телевизии вкупно вработат 60 лица, од кои 35 се со редовен работен однос и 25 се хонорарно ангажирани.