ОКТА ги објави финансиските резултати за третиот квартал, односно првите девет месеци од 2021 година
Финансиските резултати на ОКТА за деветте месеци од 2021 година продолжуваат да се подобруваат во споредба со истиот период минатата година, со остварена ЕБИТДА од 618 милиони денари и добивка пред оданочување од 471 милиони денари, додека пазарот продолжува да закрепнува и меѓународното опкружување се подобрува. Продажбите на компанијата продолжуваат со растечки тренд на домашниот и на странскиот пазар, додека иницијативите поврзани со ефикасноста на индиректните трошоци продолжуваат да даваат резултати.
Горенаведените достигнувања се тесно поврзани со намалените ефекти од кризата со КОВИД 19, со приближување на крајот на годината. Во изминатиот период, земјата и нафтениот сектор, покажаа напредок во закрепнувањето од неповолните ефекти од епидемијата со КОВИД 19; што беше поддржано од летната и рано есенската туристичка сезона, кои придонесоа за зголемување на сообраќајот и прекуграничните движења.
ОКТА продолжува да биде главен снабдувач на гориво во земјата и регионот, придонесувајќи во голема мера кон закрепнувањето на економијата и на нафтениот сектор, притоа почитувајќи ги строгите здравствени и безбедносни стандарди и, во исто време, осигурувајќи услугата кон потрошувачите да се одвива непречено.
Закрепнувањето на меѓународните цени на нафтата во текот на уште еден квартал од годината, имаше позитивно влијание врз вреднувањето на залихите, со што ЕБИТДА достигна 618 милиони денари за деветте месеци од 2021 година, значително надминувајќи ги 281 милион денари оствари истиот период минатата година. Од друга страна, во третиот квартал од 2021 достигна 225 милиони денари, малку заостанувајќи зад 373 милиони денари кои беа остварени во третиот квартал од 2020 година, каде значаен придонес имаа продажбите кон Дирекцијата за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати.
Приходите од продажба за деветте месеци од 2021 година изнесуваат 17.408 милиони денари, надминувајќи ги 11.472 милиони денари од истиот период минатата година. Бруто-маржата, движејќи се со исто темпо, во деветте месеци од оваа година достигна 850 милиони денари, надминувајќи ги 534 милиони денари од истиот период претходната година, позитивно поддржана од континуираниот раст на меѓународните цени на горивата.
Добивката пред оданочување генерираше 471 милион денари на кумулативна основа, што значително ги надмина 79 милиони денари од истиот период минатата година, како резултат на растечкиот трендот на меѓународните цени на горивата, што доведе до позитивен ефект на залихите од 301,5 милиони денари, како и постигнување на зголемена оперативна ефикасност. Добивката пред оданочување во текот на третиот квартал од 2021 година генерираше 170 милиони денари, што заостанува зад остварените 306 милиони денари во истиот период минатата година, поттикната од претходно споменатите продажби кон Дирекцијата за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати.
ОКТА успеа да одржи соодветна ликвидност што на компанијата ѝ дава можност да се справи со какви било последици кои би произлегле од КОВИД-19 кризата, во период на враќање кон вообичаениот начин на работа.
Целта на компанијата во претстојниот период е да остане лидер на пазарот, нудејќи им производи со висок квалитет на клиентите на пазарите на кои работи, во исто време поттикнувајќи дополнителна оптимизација на трошоците и оперативни подобрувања.
Во текот на овој квартал, ОКТА реализираше низа активности со цел поддршка на заедницата и маргинализираните категории на граѓани во општеството. Во рамки на проектот “Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ компанијата направи втора донација, поддржувајќи ја изградбата на првото инклузивно игралиште на територијата на Општина Дојран. По повод Светскиот ден на белиот стап, ОКТА и Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија потпишаа меморандум за соработка, со кој компанијата ќе обезбеди поддршка за лицата со оштетен вид, преку донација на 50 уреди за звучна сигнализација на пешачки премини на Градот Скопје. Традиционално и оваа година, ОКТА потпиша меморандум за соработка со Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, со кој ќе бидат доделени пет стипендии за постдипломски студии на четири факултети на УКИМ.
За менаџментот на ОКТА приоритет остануваат здравјето и безбедноста на вработените и клиентите, непрекинатото снабдување на државата со нафтени деривати, внимателното следење на развојот на настаните на домашниот и на странските пазари, како и искористувањето на сите можности кои ќе излезат во пресрет.