Фејсбук во изминатиот квартал оствари приход од речиси 12 милијарди долари, 49% повеќе отколку пред една година, а како што се зголеми и добивката на најголемата социјална мрежа во светот, се чини дека скандалот со неовластено користење на податоците на корисниците, засега не предизвика штета
Според извештајот објавен минатата недела, нето-добивката на Фејсбук во првиот квартал од оваа година достигна 4,99 милијарди долари, што е 63% повеќе од пред една година.
Притоа приходите од рекламирањето, најголемиот извор на приходи на компанијата, се зголемија за 50% на 11,7 милијарди долари.
Огласувачите веќе долго време ги пренасочуваат парите од телевизиското огласување во огласување на веб и мобилни платформи, а Фејсбук е една од компаниите која од тоа има корист најмногу, иако на мобилниот видео пазар се соочува со жестока конкуренција од Snapchat и YouTube, кои исто така, секојдневно привлекуваат милиони посетители.
Аналитичарите на компанијата eMarketer проценуваат дека оваа година приходите на Фејсбук од дигитално огласување достигнаа удел од 18% од вкупните глобални приходи од овој вид на рекламирање, додека Гугл може да се пофали со 31%.
Според податоците од извештајот, Фејсбук на крајот на изминатиот квартал имал 2,2 милијарди активни месечни корисници низ целиот свет, а на оваа социјална мрежа секој ден пристапувале 1,45 милијарди луѓе, 13% повеќе од претходната година.
Според резултатите од работењето, скандалот што изби откако неодамна компанијата за обработка на податоци Кембриџ Аналитика откри дека користела податоци од околу 87 милиони корисници на Фејсбук без нивна согласност и ги користела во политички кампањи, засега се чини дека не влијаеше на работењето на компанијата, без оглед на бројните повици за напуштање на оваа мрежа и построгата регулација.
“Сите постојано зборуваат за тоа како ситуацијата е лоша за Фејсбук, но за мене овој извештај е многу позитивен и верувам дека компанијата ќе ги надмине овие проблеми”, вели Даниел Морган, од компанијата Synovus Trust Company.
Поради неовластено користење на податоците на корисниците, но исто така и поради претходниот скандал со лажните реклами на Фејсбук платени од Русија, која се обиде да влијае на претседателските избори во САД, Фејсбук вработи нови борци против лажните реклами и вести, а најави и други мерки за зголемување на безбедноста на оваа социјална мрежа.
Поради тоа, меѓу другото, во претходниот квартал трошоците на компанијата се зголемија за 39% на годишно ниво, при што бројот на вработени се зголеми за 48%, на 27.740.
“Свесни сме за нашата одговорност и инвестираме за да се осигураме дека нашите услуги се користат за добро. Но, исто така мораме да продолжиме да градиме нови алатки за да придонесеме во поврзување на луѓето, зајакнување на нашата заедница и единство во светот”, се вели во извештајот на Марк Цукерберг, извршниот директор кој го основа Фејсбук во 2004 година.
Бидејќи резултатите од извештајот се подобри отколку што се очекуваше, се зголеми цената на акциите на Фејсбук на 167 долари.
Но сепак, оваа цена е пониска во однос на 185 долари, колку што изнесуваше еден ден пред избивањето на скандалот со Кембриџ Аналитика, што значи дека во меѓувреме пазарната вредност Фејсбук падна за повеќе од 50 милијарди долари.