Швајцарскиот тиражен весник „Блик“ во четвртокот вечерта ја објави веста за неуспешниот обид за пласирање на енергетскиот пијалок „Shqip king“(албански крал) со лого на двоглав орел на швајцарскиот пазар.
Имено, пијалокот накратко се најде на полиците во продавниците на големиот трговски ланец Шпар во Швајцарија, но тој беше отстранет поради симболот на двоглав орел.
Пласирањето на овој енергетски пијалок беше замислено од извесен Маркус Брун од Луцерн, со идеја дека може да го „освои“ светот.
Весникот потсетува дека швајцарските репрезентативци Џердан Шаќири, Гранит Џака и Штефан Лихтенштајнер покажаа со рацете имитирајќи го двоглавиот орел на натпреварот со Србија пред две години на Светското првенство во Русија. Овој гест на играчите го обиколи целиот свет и беше избран за гест на годината..
„Рацете свиткани во симболот на двоглав орел потсетуваат на прославата со гестот на двоглавиот орел на швајцарските репрезентативци со албанско потекло на натпреварот против Србија 2018 година, кога имаше големи немири, а потоа и предупредувања и казни од ФИФА. Оттогаш, тој гест е забранет таму. Бидејќи симболиката на производот не придонесува за неутралност, еднаквост и обединување на сите, производот е отстранет“, објаснува компанијата.
Компанијата потоа посочува дека, бидејќи преклопените раце во форма на двоглав орел сè уште содржат потенцијал за конфликт, делуваат провокативно и доведуваат до недоразбирање, донесена е одлука за итно отстранување на производот од сите продавници“.
Маркус Брун го заштитил својот пијалок со логото на двоглав орел под името „Shqip king“ во април 2018 година, два месеци пред овај натпревар. Во меѓувреме, неговата радост исчезна, бидејќи поради пандемијата на коронарниот вирус, многу фестивали беа откажани, локалите не работеа со месеци, како резултат на што падна и продажбата. Брун изразил жалење за одлуката за повлекување на производот.