Холивудската ѕвезда Џејсон Момоа, најпознат во улогата на морскиот суперхерој Aquaman, е новиот амбасадор на Guinness, соопшти популарниот ирски бренд на пиво, објавувајќи го новото продолжение на кампањата “Lovely Day for a Guinness” („Прекрасен ден за Гинис“).
Дејството на рекламата отпочнува во некој темен бар. Момоа седи на шанкот и нарачува чаша Guinness, додека нервозно отвора плик со резултати од генетски тест за неговото потекло. Но, нервоза наеднаш се претвора во неизмерна радост, откако гледа дека има „дури“ 2% ирско наследство во неговата крв – прекрасен ден за да прослави со своите најблиски и со многу Guinness! :)
„Можноста конечно да соработуваме со Џејсон беше посебна. Со години, тој е наш голем обожавател и, се разбира, ние сме негови големи обожаватели. Но, ова е повеќе од само уште едно партнерство: заедно со Џејсон, започнуваме ново поглавје во нашата иконична приказна што ќе го донесе Guinness до повеќе луѓе, места и прослави. Едвај чекам да продолжам да го споделувам со светот она што веќе го знаеме: секој ден е прекрасен ден за Guinness“ – истакнува Џојс Хи, бренд дирекотр на ирската пивара.
Рекламата е снимена во соработка со продукциското студио On the Roam, основано од самиот Момоа и Брајан Мендоза, а се лансира во пресрет на најголемиот ирски празник во светот – Денот на Свети Патрик на 17 март.