На вчерашната седница Владата донесе Уредба со законска сила за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување за вработени во медиумите, со која се уредуваат условите, начинот и постапката на субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за вработените во медиумите кои работеле и известувале за надминување на состојбата со КОВИД-19 за време на вонредната состојба, за месец јуни, јули и август 2020 година.
Уредбата определува кои услови и критериуми треба да бидат исполнети за стекнување на правото за користење на субвенционирањето на придонесите од задолжително социјално осигурување за вработените во медиумите.
Дополнителна помош е предвидена и за радијата на кои нема да им се наплати годишниот надоместок за 2020 година, односно доколку извршиле плаќања за оваа година, тоа ќе им се смета како да извршили наплата на годишниот надоместок за 2021
Владата усвои измени и дополнувања на програмата за развој на туризмот за 2020 година со програма за субвенции за кофинансирање на настани, обуки, семинари и конференции за оваа година.
Согласно овие измени, Владата, преку Министерството за економија, со цел поддршка на домашните хотели и надминување на ефектите од корона кризата, а со цел ревитализацијата и опоравување на економијата во земјата, ќе кофинансира трошоци за организирање на настани, обуки, семинари и конференции до 50 проценти од трошоците, но не повеќе од 30.000,00 денари.
Настаните обуките, семинарите и конференциите треба да бидат организирани во категоризирани угостителски објекти во Македонија.
За оваа цел, Министерството за економија ќе објави Јавен повик за доделување на субвенции за кофинансирање на трошоците за организирање на настани, обуки, семинари, и конференции на кој право на учество имаат сите заинтересирани правни лица, фондации и здружениjа на граѓани, кои ги исполнуваат условите што ќе се предвидат во јавниот повик.