Кога пред еден месец бомбастично беше лансирана новата социјална мрежа на Мета, насловена Threads и замислена како конкурент на Твитер, многумина корисници открија дека недостасуваат бројни функции на кои досега сме навикнале кај другите платформи.
Генералниот директор на матичната компанија Мета, Марк Зукерберг, како и генералниот директор на сестринската платформа Инстаграм, Адам Мосери, тогаш најавија дека нивните тимови посветено работаат на развојот и воведувањето нови функции кон Threads.
Во таа насока, во текот на вчерашниот ден беше соопштено воведувањето на три нови функции кон социјалната мрежа, и тоа:
– споделување на објави од Threads преку приватна порака на Инстаграм, дополнително интегрирајќи ги меѓусебе двете платформи;
– додавање на прилагоден алтернативен текст т.е. опис кон прикачени слики и видеа на Threads; и
– опција за означување на други корисници во сопствените објави.
Post by @zuckView on Threads
Покрај овие три „главни“ функции, беше соопштено и воведувањето на можност за преглед на сите објави на Threads кои сте ги „лајкнале“, како и функција за подредување на профилите кои ги следите според различни критериуми.
Корисниците на платформата се сѐ уште во исчекување за воведувањето на директни пораки во самата апликација, како и десктоп верзија на платформата.