Најновиот, јубилеен 100-ти број на локалниот печатен медиум „Скопско Ехо“ кој веќе се дели низ македонската метропола, е испечатен во рекорден тираж од 100,000 примероци.
Стоте отпечатени изданија, од она првото издадено на 26-ти октомври 2016 година па до денешниот, се вистински повод да се каже нешто повеќе за неделникот кој на градот Скопје и на неговите граѓани им понуди сосема нов и оригинален концепт на информирање.
Прво и најважно, во него главни соговорници се скопјани, а не политичари или сеприсутните „експерти“. Второ, главните теми се секогаш за Скопје, за животот и потребите на градот и скопјани, на неговите страници секогаш има место за скопски таленти, за добри идеи, за конструктивни критики…
Голема разлика во однос на другите весници е и тоа што неделникот се доставува бесплатно до поштенските сандачиња на граѓаните, скопјани можат и слободно да го земат на повеќе од 150 локации низ градот, а се дели и на плоштади, крстосници…
Првиот број се појави во тираж од 12.000 примероци, а како граѓаните почнаа да бараат примерок повеќе, така тиражот одеше во нагорна линија – 25.000, 35.000, 50.000 за јубилејниот 50-ти број, па се до невидениот до сега тираж за еден македонски неделник во кој е отпечатено денешното издание.
Кога сето тоа ќе се пресмета, излегува дека просечниот тираж e 30.000 примероци, па на граѓаните на главниот град до сега сме им поделиле дури 3.000.000 бесплатни примероци на „Скопско ехо“. Или, поилустративно кажано, до сега секој жител на Скопје во свои раце имал по пет примероци на бесплатниот неделник.
Мал, тричлен, редакциски тим е јадрото кој секој четврток успева да ги создава новите изданија на неделникот. Со него раководи главниот уредник Антонио Спасев, кој е со новинарско искуство од работата во „Фокус“, ТВ „Телма“ и „Дневник“, новинарот Бранко Ѓорѓевски со искуството од весниците „Вечер“ и „Дневник“, како и техничкиот уредник Антон Власов, кој работел во „Нова Македонија“ и „Време“.
Тука е секако, и цела екипа на дистрибутери кои заедно со главниот уредник, секоја среда навечер, почнуваат со дистрибуција.
Скопско Ехо е доказ дека печатените медиуми не се мртви!
Честитки за целиот тим на Скопско Ехо за нивниот јубилеен број од редакцијата на Маркетинг365!