Под слоганот „120 години Илинден – Огниште на татковината“ ќе се одбележи годинешниот Ден на Републиката – Илинден на 2 август.
По повод чествувањето на денот, кога славиме 120 години од започнувањето на Илинденското востание, прогласувањето на Крушевската Република и Денот кога пред 79 години е одржано Првото заседание на АСНОМ и воспоставувањето на нашата државност, ќе се одржат низа свечености во организација на Владата на Р. С. Македонија.
Вечерта на 1-ви август во Крушево, ќе биде отворена манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ која ги претставува културата, традицијата и историјата на Крушево.
Следниот ден, 2-ри август, ќе се одржат свечени манифестации во главниот град Скопје, на Мечкин Камен во Крушево, во Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце, како и во Меморијалниот музеј на Смилевскиот конгрес во Смилево.
На свеченостите ќе учествуваат високи владини претставници, а по протоколарниот дел ќе следува културно-уметничка програма. И оваа година, граѓаните на Македонија ќе го прослават националниот празник гордо, достоинствено и обединето, почитувајќи ги заедничките интеркултурни вредности.
Да вечен и честит празникот Илинден – Денот на Републиката!