Информациите и технологијата, овозможија 350 години по неговата последна обука, гласот на мајсторот уште еднаш да се слушне во проектот The Rembrandt Tutorials
Во најпознатиот музеј во Амстердам, Rijksmuseum, повторно се слуша гласот на Рембрант благодарение на ИНГ банка и агенцијата Џ.Валтер Томпсон Амстердам.
Цела низа на професионалци работеле со гласовна технологија, исцрпни истражувања и анализа на податоци со цел да ги репродуцираат техниките на сликање, личноста, јазикот и гласот на холандскиот сликар, што резултираше со проектот “The Rembrandt Tutorials“, во кој совети дава “лично” познатиот сликар и тоа го прави со зборовите на неговиот оригинален јазик и дијалект од 17 век, со реконструиран звук на неговиот сопствен глас.
На 350-годишнината од неговата смрт, Рембрант уште еднаш ги подучува луѓето како да сликаат.
“2019 е година на Рембрант и како главен спонзор на Државниот музеј во Амстердам го славиме трајното наследство на еден од најголемите сликари во историјата на Холандија. Она што многумина не го знаат е дека Рембрант за време на неговиот живот бил посветен на учење на своите ученици како да сликаат. Со реконструирање на неговиот глас, му овозможуваме на мајсторот повторно да подучува – 350 години после неговата последна лекција. Со употреба на иновативни технологии, лекциите за сликање на Рембрант сега се достапни за секого”, рече Тјитске Бенедиктус, директор на одделот за спонзорства, настани и активации во ИНГ Холандија.
Во текот на изминатите шест месеци, ИНГ работеше со агенцијата Џ.Валтер Томпсон во Амстердам и со цел тим на експерти во создавање на гласот на Рембрант и продукцијата на проектот The Rembrandt Tutorials.
Најпрвин се анализирани сликарската техника и личноста на Рембрант од страна на експерти од Државниот музеј Rijksmuseum. Потоа Холандскиот институт за јазик ги преведе туторијалите во Nieuwnederlands, верзија на холандскиот јазик која се зборувала во времето на Рембрант. Со оглед на тоа што пишаните и изговорените зборови се сосема различни, Универзитетот во Лајден помогна да се репродуцира оригиналниот изговор од 17-от век.
Со комбинација на сите овие податоци, гласот на Рембрант, конечно повторно е репродуциран со помош на Карнеги Мелон Универзитетот во САД.
“Уште еднаш, овој проект ја покажа посветеноста на ИНГ да ја примени технологијата и иновациите во областа на спонзорствата во културата, дозволувајќи им на сите пристап до богатото холандско културно наследство. За нас како креативна агенција, ваквите проекти се токму оние со кои се идентификуваме. Ние веруваме дека бракот на технологијата и креативноста е среќен брак. И тоа е врска што ќе трае. И се разбира, го сакаме Рембрант. Тој беше, е и секогаш ќе биде голема инспирација”, изјави Бас Корстен, креативен партнер во агенцијата Џ.Валтер Томпсон од Амстердам.
The Rembrandt Tutorials, кој се состои од шест различни туторијали, нагласува различни теми, вклучувајќи скицирање, сликање портрети, сликарски техники и материјали, употребата на светлината и состав на бојата.