Факултетот за ликовни уметности – Скопје оваа година одбележува 45 години од своето основање, потврдувајќи ја својата водечка улога во високото уметничко образование. Од 1980 година, факултетот е центар за креативен развој, каде што се формираат генерации уметници кои оставаат значаен белег на домашната и меѓународната сцена. Низ децениите, со постојани иновации во наставните програми, ФЛУ останува посветен на унапредување на современите уметнички практики и создавање простор за нови идеи, притоа одржувајќи ја врската меѓу традицијата и модерните текови во уметноста.
Почетоците на високото уметничко образование во Македонија се поврзани со потребата за систематско и академско насочување на талентираните млади уметници. Факултетот за ликовна уметност – Скопје е основан на 31 март, 1980 година со одлука на тогашните надлежни органи, како дел од напорите за создавање високообразовна институција посветена на уметноста. Како составен дел на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, факултетот беше формиран три децении по основањето на самиот универзитет во 1949 година. Неговото создавање беше иницирано од д-р Тома Прошев, тогашен директор на Универзитетскиот центар за уметности во СР Македонија, кој препозна потреба од академска институција што ќе ги едуцира идните генерации на ликовни уметници.
За организацијата и структурирањето на новиот факултет беше формирана Матична комисија, предводена од Васко Поповски, потпретседател на Собранието на Град Скопје, и поддржана од истакнати професори и уметници како проф. д-р Борис Петковски, акад. Коста Ангели-Радовани, акад. Петар Мазев, акад. Богдан Боричин, акад. Миле Јовановиќ и проф. Илија Џувалековски. По нивниот избор, на 23 април 1980 година беа назначени првите наставници, меѓу кои академските сликари Петар Мазев, Димитар Кондовски, Родољуб Анастасов и Душан Перчинков (прв продекан), акад. вајар Петар Хаџи-Бошков (прв декан), акад. сликар и графичар Драгутин Аврамовски-Гуте. Со усвојување на наставните програми, факултетот официјално започна со работа на 16 јули 1980 година.
Наставата за првата генерација студенти започна во учебната 1980/81 година во просториите на Училиштето за применета уметност во Скопје, а една година подоцна, на 1 април 1981, факултетот беше регистриран како дел од Универзитетскиот центар за уметности. Во 1981 година, на наставниот кадар му се приклучија академски вајар м-р Стефан Маневски, акад. сликар Симон Шемов и акад. сликар и графичар м-р Димитар Малиданов.
Во 1982 година, ФЛУ доби сопствен простор за работа во културно-историскиот објект Сули-ан во Старата скопска чаршија. Со текот на времето, факултетот се разви во самостојна високообразовна институција, посветена на научно-истражувачка, стручна и уметничка дејност. Денес, ФЛУ работи во духот на академската автономија, поддржувајќи инклузивност и еднакви можности, согласно Законот за високо образование и универзитетските статути.
ФЛУ како расадник на таленти и нови перспективи
Во изминатите 45 години, ФЛУ изгради респектабилна позиција како образовна и истражувачка институција. Алумнито на ФЛУ го сочинуваат реномирани уметници, професори, дизајнери и куратори кои денес се активни учесници на домашната и меѓународната уметничка сцена. Со студиски програми кои вклучуваат сликарство, графика, скулптура, трансмедиумски практики кои ги вклучуваат новите медиуми, графички дизајн, конзервација и реставрација, сценографија, моден дизајн и друго, факултетот постојано се адаптира на новите трендови и потреби на современата уметност. Покрај традиционалниот академски пристап, ФЛУ секогаш охрабрувал авангардни и интердисциплинарни експерименти, соработки со други уметнички институции и активно учество на своите студенти и професори во меѓународни проекти, изложби и симпозиуми.
Влијанието врз културната сцена во Македонија
Како единствена високообразовна институција од ваков вид во земјата, ФЛУ одигра значајна улога во обликувањето на македонската уметничка сцена. Многу од неговите алумни денес се носители на водечките галериски и музејски програми, како и независни уметнички иницијативи. Наставниот кадар, кој е составен од истакнати уметници и теоретичари, постојано ја одржува динамиката на факултетот, обезбедувајќи простор за креативност и слободна мисла. Со текот на годините, факултетот организираше бројни изложби, работилници, предавања и дебати, кои не само што ја афирмираа локалната уметничка сцена, туку и придонесоа за поголема видливост на македонската уметност на регионално и глобално ниво. Посебен акцент е ставен на соработките со други академски институции од Европа и светот, овозможувајќи размена на знаење, искуства и инспирација.
Прослава на јубилејот: Ретроспективна изложба во чест на 45 години ФЛУ
По повод овој значаен јубилеј, ФЛУ организира ретроспективна изложба во Музејот на современата уметност – Скопје, која ќе се одржи на 3 април. Изложбата ќе прикаже избор на дела од колекцијата на МСУ и дела во сопственост на уметниците -наставен кадар на ФЛУ, нагласувајќи го еволутивниот тек на уметничките изрази и практики во последните четири и пол децении. Изложбата ќе биде пропратена и со документарни прилози од историјата и активностите на ФЛУ.
Покрај изложбата, ќе бидат организирани предавања од истакнати алумни кои ќе ја истражуваат улогата на ФЛУ во современиот уметнички и културен дискурс. Настанот има за цел не само да оддаде почит на богатото наследство на факултетот, туку и да отвори нови перспективи за неговата иднина.
Поглед кон иднината: ФЛУ во следните 45 години
Како што се развива уметноста, така и ФЛУ продолжува да се трансформира. Соочен со предизвиците на третманот на високото образование во општеството, со глобалните културни текови, со дигиталната ера и новите технологии, факултетот останува посветен на својата мисија да создава генерации уметници кои ќе продолжат да ја обликуваат македонската и светската уметност.
Со 45 години зад себе, ФЛУ не само што сведочи за богатата уметничка историја на Македонија, туку и претставува катализатор за нејзината уметничка иднина.