Автор: Владимир Шапардановски.
Ќе се обидам да ви дадам неколку едноставни совети како да ја подобрите Вашата Facebook страница. Некои работи сигурно ги знаете и веќе сте ги имплементирале во Вашата страница, а има и „ситници“ за кои не сте биле спремни да одвоите време а се важни во Вашата работа.
Профил слика
Ќе започнам со првата слика и најважна за Вас, профил сликата. Најмала слика но и највпечатливата на Facebook. По нејзе Ве препознаваат корисниците на нивниот времеплов. Мој предлог е да не експериментирате тука, едноставно поставете го Вашето лого по кое Ве препознаваат корисниците. Јас претпочитам со темни позадини за да може да се истакне на времепловот и полесно да биде забележан Вашиот пост. Можете да пробате да ја искомбинирате профил и насловната слика а сепак логото да остане. Добар пример за тоа е VIVA сокови.
Насловна слика
Втората најважна слика, е насловната која кажува се за Вас. Таа е лицето за Вас, тука треба да изрекламирате тоа што во моментот Ви е најбитно. Дали е тоа нов производ или услуга која треба да ја изрекламирате. Многу е важна и димензијата на сликата, пробајте се што Ви треба да опфатите во 851 х 315 пиксели. Не изгледа убаво и професионално доколку сликата не ви е во таа димензија или едноставно не е опфатено во просторот што го дава Facebook.
Убав пример за насловна страница во Македонија е Samsung Makedonija. Успеале во слободниот простор да прикажат тоа што им е најпотребно. Запазиле главниот дизајн да не биде скриен од профил сликата или копчињата кои се наоѓаат десно доле. Тоа е исто многу важно на што треба да внимавате
Стории
Во минатата статија објаснивме неколку работи како да поставите слика и линк. Сега нема да Ве задржувам многу околу тоа, но морате да имате квалитетна сторија за да можете да имате интеракција со Вашите фанови. Без разлика дали поставувате линк, слика или видео, потрудете да ги запазите димензиите на Facebook и искористите максимум од просторот што ви го дава. И пробајте да го запазите времето кога треба да постави сторијата.
Интеракција со фанови
Facebook не е само еднонасочна комуникација со Вашите фанови. Преку коментарите на самите стории можете многу да дознаете за мислењето кои го имаат за Вас и дали тоа што го поставувате на Facebook им се допаѓа на фановите. Редовно читајте ги коментарите и забелешките, ако е позитивна критика „наградете“ го со „лајк“, доколку е негативна критика пробајте на фин начин да објасните, само немојте да влезете во расправија, подобро поканете го да Ви напише приватна порака и да Ви објасни за каков проблем станува збор. Редовно читајте ги пораките и пробајте во најбрзо време да им одговорите на истите, тоа многу му значи на секој корисник. Денес на сите им полесно да Ви напишат порака на Facebook од колку да се јават на телефон и да добијат информација.
Одличен пример за како треба да се комуницира со корисниците е страницата на мобилниот оператор one.mk. Одговараат на сите прашања и коментари, без разлика колку се негативни. Добар пример за голема компанија и комуникација со корисници.
И уште нешто…
Не заборавајте да ги пополните сите информации на Вашата Facebook страница. Да ставите адреса каде можат да ве најдат, телефон, краток опис, долг опис и други информации за вас. Пробајте да ги пополните сите информации кои се дадени за Вас, така ќе можат полесно да Ве пронајдат a Facebook нема да ја категоризира страницата како спам. Многу е битен краткион опис дека тој се појавува на почетокот на страницата. Мој совет е тука да ставите веб адреса или телефонски број со една кратка реченица за Вас.