Истражувањето на компанијата Streetbees покажува колку оваа платформа е вкоренета во структурата на денешното општество
Во двата најголеми пазари на социјалната платформа Фејсбук, САД и Индија, една третина од испитаниците се изјасниле дека ја изгубиле довербата во оваа платформа кога станува збор за сигурноста на нивните податоци, се наведува во истражувањето на компанијата Streetbees.
Извештајот насловен “Ре-позиционирање: Нова битка за вниманието на публиката” се обидува да одговори на прашањето како потрошувачите во целиот свет ги перцепираат, реагираат и комуницираат со брендовите, рекламите и социјалните медиуми, а во него се наведува и дека 98% од корисниците на Фејсбук кои ја изгубиле својата доверба во оваа платформа, имаат намера да продолжат да ја користат и покрај нејзината вмешаност во скандали, како што е неодамнешниот со компанијата Кембриџ Аналитика.
Од друга страна, 40% од британските корисници на Фејсбук и 53% од корисниците во Индија, се уште веруваат дека платформата ќе ги задржи безбедни нивните информации.
Кога станува збор за активизмот на брендот, во извештајот се неведува дека помалку од 20% од корисниците во Велика Британија се подготвени да платат повеќе за производи на оние брендови кои се општествено активни, а исто размислуваат и околу 28% од потрошувачите во САД.
Оливер Меј, коосновачот на Streetbees, по повод истражувањето спроведено во вториот и третиот квартал од оваа година, изјави: “Нашето истражување покажува огромни заблуди во врска со вредноста која корисниците им ја препишуваат на податоците и приватноста. Според сознанијата од истражувањето во кое се вклучени повеќе од 7.000 луѓе од целиот свет, направивме една сеопфатна анализа на ставовите на потрошувачите кон огласувачките канали и платформите на социјални медиуми, а оваа анализа укажува на движечки промени кои ќе ја обликуваат индустријата во 2019 година”.