Рекордни 57 агенции од 5 земји од регионот ги пријавија своите најдобри проекти на BalCannes, регионалната ревија на рекламни агенции. Дури 125 референтни агенциски проекти, во следната недела, ќе ги прегледува жири составено од угледни огласувачи кои во текот на два круга оценување ќе ги избере најдобрите 25 проекти.
Оваа година, по прв пат, ќе бидат доделени и награди за Најдобра агенција и Најдобар проект на BalCannes.
Извршната директорка на организаторите ХУРА (Хрватско здружение на агенции за деловно комуницирање), Дуња Ивана Балон за Маркетинг365 изјави: “BalCannes расте…Огласувачите беа тука, а сега и уште повеќе агенции. Најмногу до сега од Македонија. Сите кои доаѓаат на Weekend ги повикувам да ни се приклучат и да го погледнат пресекот на топ 25-те проекти во друштво на колегите од целиот регион“
Најдобрите 25 проекти на агенциите ќе бидат претставени на главната сцена на Weekend Media Фестивал во Петок 23.09. во ударниот термин од 16:45 часот. Овој пресек на регионалната маркетинг продукција е корисна прилика за сите огласувачи да во краток период и на едно место се запознаат со понудата на целиот агенциски пазар.
За сите оние кои нема да бидат во можност да дојдат во Ровињ, агенциските проекти ќе бидат достапни за преглед во склоп на дигиталната изложба која после фестивалот ќе биде отворена на BalCannes Yellow Pages страниците.