Најголемата балканска музичка ѕвезда Северина ќе биде новото заштитно лице на најпознатиот македонски бренд за вода „Пелистерка“. Познатата хрватска поп-пејачка и менаџментот на компанијата деновиве потпишаа договор за соработка врз основа на којшто ќе реализираат неколку големи проекти за промоција на брендот на македонскиот, но и на пазарите во регионот.
Од „Пелистерка“ истакнуваат дека ја избрале Северина за заштитно лице поради нејзиниот уникатен стил и неверојатната енергија што ја поседува.
– Северина е поим за моќна убавина, уникатен стил и непресушна енергија, карактеристики кои што се препознатливи за нашата вода. Ја избравме Северина за заштитно лице бидејќи таа секогаш е во тек со трендовите, а „Пелистерка“ е компанија која ги поставува трендовите во нашата индустрија. Заедно правиме производ кој ќе претставува комплетно различна визија од сѐ претходно што е претставено на македонскиот пазар, но и во поширокиот регион – велат од „Пелистерка“.
Популарната пејачка досега соработувала со реномирани светски брендови од Германија и од Швајцарија, чие е заштитно лице, а ова ѝ е прва соработка со компанија од Македонија.
– Неверојатно сум горда што компанија од Македонија ме избра токму мене за нејзино заштитно лице. Воопшто не се двоумев дали да ја прифатам поканата бидејќи станува збор за реномирана и успешна компанија која произведува врвна вода за пиење. Македонија е една од моите омилени земји која постојано ја носам во срцето и навистина сум среќна што сега ќе имам можност да ја посетувам почесто – изјави Северина по потпишувањето на договорот со „Пелистерка“.
Една од најголемите и најмодерните фабрики за вода на Балканот, на компанијата „Пелистерка“, веќе на големо ја извезува препознатливата македонска вода на пазарите во Србија, Бугарија, Црна Гора, БиХ, Албанија и Косово. „Пелистерка“ важи за пионерот во атрактивните промоции со познати женски личности од јавниот живот во Македонија. За следната година, засилени со Северина најавуваат интензивни и интересни активности.