Денеска на Маркетинг365 разговараме со г-дин Петар Георгиевски, раководител на оделот за истражувања во маркетинг агенцијата Маркет Висион. Петар е дел од компанијата од 2009 година. За својата работа вели дека прибирањето на информации, нивна анализа и носењето одлуки е секојдневен процес што го прави секој човек, свесно или несвесно. Некои поединци се добри во носењето на одлуки, додека некои се лоши и тоа не е случајно. Истото се случува и во бизнисот само што опкружувањето е многу покомплексно.
М365: Сте имале прилика да работите за многу македонски и интернационални клиенти, колку тие се спремни да инвестираат во истражувања на пазарот?
Да, сме соработувале со многу клиенти и тоа се пред се големи компании. На средните и малите компании пазарните истражувања некако им се вон видното поле.
Во однос на тоа колку се спремни да инвестираат во истражувања, мој впечаток е дека домашните компании недоволно истражуваат, односно не само што недоволно инвестираат во истражување туку и не ги обработуваат и анализираат доволно информациите што им се достапни бесплатно преку интернет, преку нивното сметководство, преку продажните канали итн. Има големи трговски ланци, банки, млекарници, производители на прехранбени производи и други фирми што остваруваат милионски профити а не одвојуваат ни 5000 евра годишно за истражувања. Менталитетот е таков, на истражувањата се гледа како на трошок а не како инвестиција.
За странските компании не би можел да одговорам соодветно од причина што примерокот врз основа на кој го темелам моето мислење е несоодветен. Најчесто сме имале искуство со поголеми компании кај кои пракса е одлуките да се носат врз база на истражувања и тие се редовна ставка во годишниот буџет.
М365: Колку квалитетно спроведените истражувања можат да придонесат за поголема ефикасност на маркетинг активностите?
Многу. Во маркетингот важи правилото: Ако нешто не можеш да измериш – не можеш ни да го управуваш. Најпрво уште во фазата на планирање на одредена маркетинг активност добро е да се испита теренот. Во фазата на реализација може да се случи активноста да не ги дава очекуваните резултати. Доколку не се спроведуваат мерења не може да се знае на што се должи тоа, но доколку се спроведуваат тогаш може да направат корекции во од. После реализација на активностите потребен е рекапитулар за да се откријат можностите за подобрување на идните активности. И тука кругот започнува одново…
М365: Можете ли да издвоите некој позитивен пример?
Позитивни примери има многу. До сега немало компанија за која работиме а да не произлезат значајни наоди од истражувањето. Наша работа е да дадеме препораки, понатаму останува на клиентот да повлече конкретни чекори. На пример една осигурителна компанија незадоволна од презентираниот потенцијал на пазарот за да го зголеми се насочи кон развој на целосно нов производ, позната млекара го подобри белото сирење од причина што тоа лошо помина на blind тестирањата, голем ланец на супермаркети направи целосна реорганизација на бизнис моделот, спортска обложувалница откри кои се клучни фактори за избор на обложувалница и правилно ги насочи инвестициите во објекти и маркетиншки напори, компанија што размислуваше да инвестира во лабораторија ја откажа инвестицијата и заштеди голема сума на пари затоа што истражувањето покажа дека таа инвестиција нема потенцијал итн.
М365: Има ли некој проект на кој сте посебно горди?
За нас особено признание претставува соработката со интернационални клиенти меѓу кои спаѓаат големи корпорации и организаци. Исто многу внимание посветуваме и на развивање на соработката со партнерски истражувачки агенции од регионот и пошироко. Големите компании сериозно ги „чешлаат“ понудите и агенциите пред да одлучат со кого ќе соработуваат. Соработката со нив не е случајна и претставува еден вид признание за нашето залагање. Искуството стекнато преку соработката со големите корпорации и странските истражувачки агенции за мене лично и за компанијата е бесценето.
М365: Каде ја гледате вашата предност во однос на големите интернационални ланци?
Можеби ќе Ве зачуди мојот одговор, но имаме значајни предности:
Нашата експертиза и нашите решенија се локални. Ова е исклучително важно за македонските компании затоа што интернационалните ланци нудат алатки за истражување што се докажани на пазари како американскиот, германскиот, францускиот и сл. Пазарите и потрошувачите во овие земји многу се разликуваат од македонските.
Ние немаме однапред смислени решенија за проблемите на компаниите, затоа што секоја компанија е уникатна. На секој проект му пристапуваме од темели и постепено го градиме. Тоа не тера повеќе да истражуваме, да учиме и да напредуваме.
Во моментов, Маркет Висион е единствена корпоративна членка на ESOMAR од Македонија. Членките на ова професионално здружение секаде во светот се вреднувани повеќе. ESOMAR ни наметнува одредени професионални стандарди со кои не правиме компромис. Исто така не правиме компромис со квалитетот по никоја цена. Клиентот мора да добие врвен производ.
Имаме воигран тим што веќе осум години успешно работи заедно. Сè што правиме, го правиме побрзо и поорганизирано со минимална загуба на ресурси и време.
М365: Дали може да се каже дека пазарните истражувањата би ја чинеле една компанија цело богатство?
Ако е богатство да заштедиш четири-пет илјади евра а поради тоа да ти избега милион, тогаш да. Лично сметам дека истражувањата во Македонија се потценети. Во деловниот свет, истражувањата не се луксуз, да учиш од грешките е луксуз.
М365: Неодамна ја лансиравте платформата “Прашалник“, кажете ни нешто повеќе околу тоа?
Prasalnik.mk е платформа за онлајн истражувања каде нашата цел е на компаниите да им понудиме квалитетни истражувачки проекти по пониска цена и во пократок рок. Современата технологија со предностите што ги нуди самата се наметна во овој случај.
Платформата е веќе во функција и преку неа беа успешно спроведени првите неколку проекти. Лично очекувам да биде интересна за средни и мали компании, меѓутоа во никој случај не би ги исклучил и големите играчи. Во однос на prasalnik.mk би открил само уште дека развиваме еден нов производ и се надевам дека ќе им го понудиме на компаниите што поскоро.
М365: Дали тоа значи дека повеќе ќе се насочите кон средните и малите компании?
За нас секој клиент е важен и за секого се бориме подеднакво, без разлика на големината. Преку prasalnik.mk истражувањата ќе ги направивме подостапни за компаниите со ограничен буџет и искрено се надевам дека тоа ќе охрабри се повеќе компании да размислат за вложување во пазарни истражувања наместо да се водат од интуиција.
М365: Како Вие гледате на пазарот на агениции за истражување во Република Македонија ?
На прв поглед изгледа како да има голема конкуренција, меѓутоа пазарот е доста сегментиран. Како кај докторите специјалисти, можеби се многу на број меѓутоа разгледувани по специјалност се бројат на прсти.
Помеѓу етаблираните играчи веќе се знае кој е кој и во кој сегмент делува. Нормално има сегменти во кои жестоко си конкурираме што е позитивно за професијата во целост. Она што е негативно и загрижува е тоа што некои агенции што не се специјализирани во пазарните истражувања наоѓаат мотив да си ја пробаат „среќата“ во нив по секоја цена. На долг рок тоа носи штета за агенцијата, за клиентот но и лоша репутација за истражувачката професија во целост. За жал, сум имал прилика да видам неколку извештаи што не задоволуваат ни минимум професионални стандарди а што е уште полошо ги водат компаниите во погрешна насока. На пример за еден голем производител на леб имав прилика да видам извештај од истражување правено онлајн на фејсбук пријатели на истражувачот што само по себе не може да се земе како сериозен пристап.
Од една институција добив информација дека компанија предала извештај во кој примерокот требало да биде репрезентативен на ниво на Македонија а половата структурата била 80% мажи и 20% жени.
За осигурителна компанија исто така разгледував извештај од истражување спроведено онлајн кое требаше да даде слика за пазарот на животно осигурување а беше спроведено тотално аматерски врз нерепрезентативен примерок од само 130 испитаници на фејсбук. Истата компанија за да добие прецизна слика за пазарот и за драјверите што ги мотивираат купувачите на животно осигурување во соработка со нас спроведе истражување во три фази во кое учествуваа 1500 испитаници. На крајот резултатите помеѓу двете истражувања беа дијаметрално спротивни.
Би им порачал на фирмите да внимаваат при изборот на агенција за истражување од причина што лошото насочување води кон лоши деловни одлуки а цехот на крај ќе падне на нивниот грб. Како што не се одбира доктор затоа што е евтин исто така не се одбира истражувачка агенција поради ниската цена.