Почитувани читатели, денеска на наше големо задоволство како гостин на Маркетинг365 го имаме Сашо Пешев, човек кој долго време е дел од македонската и светската маркетинг сцена, еден од четворицата сопственици на мрежата Њу Момент, каде дел е и Њу Момент Скопје – агенцијата која пред десетина дена беше прогласена за севкупен победник на “Голден Драм 2013“ и ја комплетираше низата награди годинава кои и го донесоа епитетот “Најдобра Агенција во Европа за изминатава година“.
За неодамнешните успеси на неговата агенција, развојот на индустријата кај нас и потребата од активирање на национално маркетинг здружение во интервјуто во продолжение…
Маркетинг365: Сашо, долги години работиш како прв човек на една од најголемите агенции во Македонија која впрочем е и дел од голема регионална мрежа која настапува во речиси сите околни земји. Што мислиш, со задоволително темпо ли се развива македонската медиа-маркетинг индустрија во споредба со таа од регионот?
Сашо Пешев: Работам 17 години како директор на маркетинг агенција. На почетокот тоа беше С Тим Бејт Сачи и Сачи, каде 1997-ма после мојата новинарска кариера започнав како прв локален директор на оваа регионална компанија. Веднаш потоа станав партнер а сега сум регионален партнер односно еден од 4-цата сопственици на Њу Момент кој е застапен во речиси сите држави на Балканот. Нескромно ке кажам дека се чувстувам компетентен да ја споредувам состојбата во македонската медиа-маркетинг индустрија со таа од регионот. За жал ситуацијата и не е розова. Точно дека кризата е присутна секаде. Некаде посилно некаде послабо. Според мене покрај нас, најсилно се почувствува во Словенија и Хрватска. Но и таму немаше пад од 50% каков што имаше кај нас и нормално во Грција заради добро познатите причини. Во некои земји се почувствува послабо како во Албанија, Косово и Бугарија. Но сепак таму пазарот е пооптимистичен и трендовите не се толку страшни. Најмалку кризата се почувствува во Србија и Романија. Тие пазари се во константен раст и клиентите и понатаму се раположени таму да инвестираат се повеќе и повеќе. Мислам за нас е најстрашно што владее некаков песимизам и воздржаност кај клиентите. Иако генерално економските параметри на државата се добри и ние дури и во кризата имаме континуиран раст на бруто домашниот производ, сепак од за мене неразбирливи причини компаниите ги кратат маркетинг буџетите.
Што се однесува до професионалноста, иновативноста во пристапите на комуникација, ние апсолутно не заостануваме зад регионот, туку напротив од многу соседни земји сме и подобри. Не треба да имаме никакви комплекси и да кажеме дека нашите професионалци одлично ја владеат струката. Мислам дека и ние во Њу Момент го потврдивме тоа со најпрестижните награди кои ги освојувам во континиутет а особено оваа година.
Маркетинг365: Титаниум лав од Кан, Дел од “Топ 25“ со најмногу поени на Balcannes, апсолутен победник на Golden Drum 2013 и ред други награди оваа година. Се чини ова е најуспешната година во историјата на New Moment Skopje ?
Сашо Пешев: Да да, тое е неспорно, но колку што јас знам ова е и најуспешна година за било која агенција од регионов, ајде да кажеме од просторот што го покрива Њу Момент, значи поранешна Југославија плус Албанија и Бугарија. За овие простори сум сигурен дека ниту една агенција немала ниту приближен резултат во една година, па веројатно ни севкупно низ годините. Впрочем во овој регион дали низ 60-ет годишната историја на Канскиот фестивал има освоено се на се 4 лава а само Македонија има 2 од кои еден е титаниумски (меѓу најпочитуваните кај маркетинг професионалците) и еден златен кои го освоија колегите од Мекен Ериксон од Скопје пред некоја година.
Ова се неверојатни резултати за Македонија ако се има предвид колкава е големината на нашиот маркетиншки пазар. 4-6 пати помал од словенечкиот, хрватскиот, српскиот и бугарскиот, а со самото тоа и толку помал број на професионалци кои работат во агенциите.
Што се однесува до Њу Момент, ние никогаш не сме имале комплекс дека доаѓаме од мала средина. Напротив тоа не мотивираше уште повеќе да ги победиме на голема сцена. Бидејќи сепак они не потценуваа. Сега веќе не. Сега за Њу Момент Скопје зборуваат со респект. Мора да кажам дека имам впечаток дека надвор и повеќе не почитувааат отколку дома. Нас во странство ни приоѓаат а и преку меил, ни честитаат имиња за кои само сме читале и сме се одушевувале од тоа што работат. Многу познати и непознати ни честитаа. Дадовме огромен број интервјуа за медиуми во странство. Зошто во странство не почитуваат повеќе? Веројатно бидејќи кај нас има малку луѓе што ја следат таа сцена, и воопшто не ни претпоставуваат што значи да земете Титаниумски лав во Кан меѓу 37.000 ентрија, или најдобра агенција меѓу 306 агенции од Централна и Источна Европа (плус Австрија и Финска) и Блискиот исток на Голден Драм.
Маркетинг365: Успесите на големите фестивали годинава, никако нема да бидат превидени од странските компании и веројатно на големо Ви ги отворија вратите за настап на запад. но дали Македонските компании во доволна мера ги вреднуваат овие успеси?
Сашо Пешев: Како што и кажав, кај нас многу малку се вреднуваат вакви успеси. Највеќе од незнаење, но имаше и голем број на медиуми што воопшто и не објавија никаква вест за ова. Некои објавија дури откако видоа дека Б92, голем број на бугарски и хрватски медиуми објавија за наградите на агенција од друга земја, па дури потоа нашите медиуми како класични следбеници срамежливо ја објавија веста. Светогледот на нашите медиуми завршува со Србија и Грција, и нормално домашни вести по можност да се лоши. Да го фрлат народт уште повеќе во депресија, како да не му е доволна кризата.
Што се однесува до големите светски комуникациски компании, ние таму котираме фантастично. Стигнаа одлични понуди за откупување на Њу Момент, не само Скопје туку и целиот нетворк. Преговорите започнаа, но јас не сум сигурен дека ќе завршат успешно. Пред се нашите процедури и администрација, мислам на Балканот се далеку од компаниите кои котираат ба Њујоршка и Лондонска берза. Тоа највеќе се однесува на договри со клиенти, добавувачи, вработени. Менаџерски договори, договри за интелектуалната сопственост и така натаму. Сепак тиа се јавни компании кои на берза ги објавуваат сите податоци и нема да ги менуваат правилата заради нас. Значи ние ке мора да се прилагодиме. Не мислам само на Њу Момент, туку да ги научиме и клиентите и добавувачите на процедури и администрација.
Од друга страна Њу Момент, јас и партнерите до сега го водиме на фамилијарен да речам мек начин на управување. Тоа барем до сега, дава одлични резултати. Вработените се чувствуваат како да работат за себе, во своја компанија, која ги сака и ги почитува нивните индивидуални потреби и специфики. Се плашам дека влегувајќи во еден ваков светски систем од 150.000 варботени, каде правилата се многу строги, дека ние ќе го загубиме нашиот балкански шарм и слобода која не прави толку креативни. Иако ова е бизнис, сепак не е се до парите.
Амбициите ни одат во друга насока. Сакаме самите или заедно со странските партнери да ја прошириме мрежата на Њу Момент на цел Балкан. За следната година планираме да отвориме во Романија а потоа мојот сон е Турција.
Маркетинг365: Со неколкумина наши колеги повеќепати сме коментирале дека “питчовите“ во Македонија, се сѐ, само не вистински натпревар на идеи. Кој е Вашиот став околу Ваквиот начин на селекција на агенција која ќе биде ангажирана за определена комапнија/кампања?
Сашо Пешев: Јас не можам да кажам дека питчевите во Македонија се катастрофа, дека се е наместено или слично. Мислам дека насекаде помалку или повеќе ги има истите забелешки. Но сепак логиката вели дека секој питч е шанса за освојување на клиент. Не е се наместено. И зошто би било. Зошто клиентот би поминувал низ тежок процес на анализа, брифирање агенции, слушање презентции со денови и на крај избор на агенција и преговарање околу договорот, ако навистина нема потреба од тоа. Не дека некогаш и нема наместени пичеви, не дека нема лобирање, но сепак тоа е составен дел на секој бизнис. Но не би се сложил дека тоа е генерална слика за целата наша сцена.
Маркетинг365: Македонија е една од ретките земји каде македонските маркетинг професионалци немаат свое здружение преку кое би ги остварувале заедничките цели, би се промовирале и воопшто би ја унапредувале комуникациската индустрија. Какви се твоите размислувања околу сето тоа?
Сашо Пешев: Јас чувствувам директна одговорност за нефункционирањето на нашата асоцијација на маркетинг агенции МААМ. Јас пред една реппрезентативна група на лидери на агенции, презедов лична обврска дека ке се потрудам да ја заживеам асоцијацијата, но ете ништо не направив во последните 2-3 години. Додуше имавме и некои административни проблеми, но тоа е повеќе оправдување. Реалноста е дека тешко наоѓаме време кое би го трошеле за некои заеднички цели, па макар тоа било и унапредување на професијата. Можеби е решение во ангажирање на професионално вработени лица кои би го туркале тоа. Не знам? Но во секој случај ке се потрудам во следниов период да ги соберам колегите од најголемите маркетинг агенции во Македонија и да направиме уште еден обид за заживување на асоцијацијата.
Маркетинг365 му благодари на Сашо Пешев за интервјуто и му посакува многу успеси, многу награди и многу нови клиенти во иднина !