Денешен гостин на Маркетинг365 е скопјанката Александра Ѓоргиевска, која моментално живее во Лондон и работи како новинар во Bloomberg, еден од највлијателните и најпознати светски медиуми за бизнис и финансискиот свет. Повеќе за нејзиниот пат до Bloomberg и за тоа како е да се биде дел од еден таков систем прочитајте во интервјуто во продолжение..
M365: Дали би сакала накратко да ни се претставиш. Која е Александра Ѓоргиевска?
Александра: Јас сум 23-годишен новинар во Bloomberg кој моментално живее и работи во Лондон. До својата 18-та година живеев во Скопје — тогаш заминав на додипломски студии на универзитетот Yale во САД, кој ми ги покри сите образовни трошоци. Студирав паралелно на смерот по етика, политика и економија и на новинарскиот смер, а за време на летата работев како практикант во неколку публикации, меѓу кои и Time Magazine во Њујорк. Како резултат на моите академски достигнувања и работни искуства, по дипломирањето добив понуда за работа во Bloomberg, кој се смета за лидер во покривање вести од областа на економијата и финансиите. Првата година ја поминав во Њујорк, а лани се преселив во Лондон.
M365: Кога станува збор за светскиот медиумски свет, Bloomberg важи за една од компаниите каде кандидатите треба многу напорно да работат за да си го заслужат своето работно место. Како всушност изгледа еден recruitment процес во овој медиумски конгломерат?
Александра: Recruitment процесот за студенти кои сакаат да се вработат веднаш по дипломирањето — патот кој јас го следев — започнува 10 месеци пред официјалниот почеток на работата. Се состои од телефонско интервју, тричасовен тест кој проверува знаење од областа на економијата, политиката и општата култура, и лично интервју. Меѓутоа, кандидатите кои успешно ќе го поминат овој процес (бевме триесетина од над 1,000 апликанти) не добиваат договор за стална работа, туку тримесечен договор како практиканти. Тогаш почнува вистинскиот натпревар, бидејќи тие 30 практиканти се борат за 5 стални работни места. Тоа лето беше едно од најстресните во мојот живот — секој ден беше своевиден тест. Намерно бевме ставени на тимови што пишуваат за теми најдалеку од нашата комфорна зона, за да се види како се справуваме со предизвици и како реагираме под притисок. За десетте од нас кои добивме препораки од тим лидерите следуваше уште еден тест, подолг и постручен, и уште неколку интервјуа со уредници. За мене процесот кулминираше со понуда за работа, резултат на многу труд, упорност и, се разбира, среќа.
M365: Си имала прилика да живееш во два центра на финансискиот свет Њујорк и Лондон, известувајќи од лице место за случувања кои буквално можат да го сменат светот преку ноќ. Но, како всушност изгледа еден работен ден или недела во Bloomberg, хаотично ли е како и берзите кои се присутни таму?
Александра: Новинарството е многу динамична професија, што е и една од причините зошто го одбрав, така да деновите ми се секогаш полни со обврски. Во светот на инвестирањето работите можат да се сменат многу брзо, дали како последица на политички настани, вести од големи компании што имаат глобални рамификации, економски податоци и слично. На пример, по гласањето за Брегзит овде во Британија, се случи голема нестабилност во финансиските пазари на глобално ниво, и ние работевме нон-стоп да ги откриеме точните извори на превирањата. Често се случува во истиот ден да имам интервју со CEO на некоја компанија, да напишам статија со ударни вести за промена во цената на европските акции, да посетам конференција во некоја банка, и да имам сегмент на нашиот телевизиски или радио канал. Нашиот работен ден трае 10 часа, а се случува да останеме и подолго.
M365: Каква поддршка добиваат новнинарите на Bloomberg во однос на data intelligence, пристап до луѓе од најголемите компании итн.. ?
Александра: Има голема разлика меѓу моите искуства како новинар за помали публикации и како новинар во Time или Bloomberg, светски познати брендови со високи репутации. Сега имам многу полесен пристап до членови на менаџментот на големи компании, големи инвеститори и познати аналитичари. Се разбира, обратното е вистина кога треба да се напише нешто негативно — тогаш се соочуваме со голем отпор бидејќи ниеден шеф на компанија не сака инвеститорите да прочитаат негативна статија за неговата фирма во Bloomberg. Во такви ситуации најчесто можеме со малку поголем напор да ги добиеме потребните информации од други извори. Во однос на data intelligence, за Bloomberg е голема предност тоа што компанијата има посебен оддел посветен на собирање податоци, и до тие податоци имаме пристап само ние. Најголемиот дел од моите статии се базирани врз трендови кои сум ги воочила преку истражувања во нашите бази на податоци.
M365: Како изгледале интеракциите со луѓето од ПР агенциите, колку често Ве контактираат и како најуспешно тие можат да ја питчуваат својата сторија за некој настан?
Александра: Од ПР агенции добивам мејлови и телефонски повици неколку пати дневно. Најчесто тие застапуваат research фирми кои сакаат да ги искористам нивните податоци во некоја статија, нови или помали компании кои бараат поголема медиумска изложеност или организатори на настани и конференции. Најуспешни се тие коишто можат да понудат некаков вид на ексклузивна информација што јас би можела да ја обработам пред нашите конкуренти (Reuters, Wall Street Journal). Важен е и начинот на којшто питчуваат — ние добиваме десетици мејлови дневно, и доколку не можеме брзо да ја разбереме поентата на предлогот, одиме понатаму.
M365: Колку уредниците се обидуваат да влијаат на аголот од кој се обработува некоја тема и дали се случило да побараат интервенција во личниот став на новинарот во некоја од сториите за која си пишувала?
Александра: Ниту мене ниту на моите уредници не ни е дозволено да го внесуваме својот личен став во статиите. Сè што пишувам е базирано на веродостојни податоци и надворешни извори. На пример, јас можам да напишам статија за позицијата на некоја банка во врска со претседателството на Доналд Трамп, но никогаш не би смеело во таа статија да се насети моето лично мислење на таа тема. Bloomberg има најстроги правила во врска со ова — не само во однос на тоа што го пишуваме на работа, но и за тоа што го постираме на нашите Фејсбук и Твитер профили.
M365:Каква вест би била доволно атрактивна, за некоја македонска компанија, да се најде на страниците на Bloomberg?
Александра: Причината зошто компаниите од балканскиот регион се помалку застапени во Bloomberg е тоа што тие се многу помали и полокални од оние за кои ние пишуваме, а и тргувањето со акции во Македонија не е толку развиено колку во поголемите европски земји. Сепак, доколку некоја македонска компанија привлече познат странски инвеститор, или пак нејзинте акции се движат од интересни причини, моите колеги во Белград или Загреб можеби би напишале нешто за тоа.
M365: Какви се перспективите во развојот на Bloomberg, дали по примерот на Ал Џeзeира и CNN можеме да очекуваме проширување или некаква афилијација и за Балканскиот регион?
Александра: Моментално Bloomberg прави напори да се прошири во таканаречените пазари во развој, или emerging markets — во земји како Русија и Кина, на пример. Иако Балканот не се смета за член на овој регион на земји, тоа може да се смени доколку тргувањето со акции се развие повеќе. Во тој случај Bloomberg несомнено ќе посвети повеќе ресурси на Македонија и околните држави.
M365: Каков совет би им дала на своите колеги од Македонија кои би сакале да станат дел од медиум од калиброт на Time или Bloomberg?
Александра:Мојот совет е да се трудат да издадат што повеќе квалитетни статии на англиски јазик — во денешно време има многу можности за freelancing за странски публикации кои се заинтересирани за тоа што се случува на Балканот а немаат ресурси да пратат свој човек во регионот. Таквите статии, дури и да се за некоја помала публикација, можат да бидат забележани и од поголемите весници и магазини, особено со оглед на тоа дека живееме во свет каде социјалните мрежи играат голема улога во медиумскиот развој.