Ни беше задоволство да си помуабетиме со Ива, која е дел од тимот на Brand Union и го менаџира секторот за дигитални операции. Заедно со девојките од Skopje Casual, веќе 5 години споделуваат модни инспирации, соработки со интернационални брендови и се меѓу пионерите за модно блогирање во Македонија. Но, Ива не застанува тука. Од неодамна Ива, докторираше на Економскиот факултет во Скопје. Разработуваше теза „Промотивни стратегии на социјалните медиуми во насока на ефективен маркетинг кај малите и средните претпријатија“.
Па ајде да прочитаме нешто повеќе, формално и неформално за Ива. :) Интервјуто го водеше Маја Ташева.
М365: Ива, сите што те следат на социјалните мрежи, знаат дека си во љубов со дигиталниот свет прилично одамна. Го следевме и твојот прв блог, “Not Social Media Blog” уште во времето кога беше на претходното работно место. Од многу одамна споделуваш и природно наметнуваш нови трендови. Онлајн маркетинг индустријата каде спаѓаат и социјалните мрежи дефинитивно е жива материја, која бара константна иновативност и кретивност. Од каде сета таа инспирација да навлезеш толку професионално во оваа индустрија?
Ива Дујак: Едноставно е, од љубовта кон тоа што го работам :) Маркетингот отсекогаш ми изгледал како совршен спој на уметност и наука, дополнет со инстант фидбекот од онлајн комуникацијата, дава супер комбинација која постојано ме инспирира.
М365: Неодамна докторираше на Економскиот факултет во Скопје и се стекна со титулата – Доктор на Економски науки, отсек маркетинг. Колку формалното образование е битно според тебе? Во моментов има море од сајтови, туторијали на платформи со бесплатно следење на истите, но и кратки курсеви кои ќе ти пренесат многу теоретско знаење. Вредеше ли трудот? (се инспириравме од твитовите за прашањето). :)
Ива Дујак: Ух, дефинитивно вредеше во поглед на лична сатисфакција и на преминување на големи лични предизвици. (извинете за твитовите). :))
Сметам дека формалното образование е важно, но не и пресудно. Како што спомнавте, постојат стотици можности за самоедукација, па така би рекла дека личната мотивација и посветеноста се тоа што е најважно.
М365: Воедно, кои беа заклучочите од докторатот?
Ива Дујак: На кратко, без онлајн присуство не се може. :) Ги разработував можностите за настап и комуникација на малите и средни претпријатија во Македонија на социјалните медиуми со посебен осврт на Фејсбук, едногласно, сите испитувања ја потврдија неопходноста на овој начин на комуникација за успешен маркетинг и поефикасна комуникација со целната публика.
М365: Кои трендови според тебе се круцијални во текот на 2017-та година и сметаш дека не смеат да бидат изоставени во маркетинг стратегиите на брендовите во нивниот онлајн настап?
Ива Дујак: Дефинитивно, обработката на податоци од корисниците и нивно користење за подобро таргетирање и пласирање на пораки.
Овој пристап е веќе во полн ек во светски рамки, па и на Балканот, ме радува тоа што полека почнува да се имплементира и кај нас. Пристапот најчесто поддржан од Social CRM-и, ни дава можност длабински да ја запознаеме публиката и да пласираме пораки кои ќе ѝ бидат од вредност и значење, вистинска win-win ситуација. А кога веќе ги имаме основните комуникациски канали подредени, и понекој chat bot совршено ќе се вклопи во комбинацијата. :)
М365: Дали за успешна кампања на социјалните мрежи е потребен голем буџет? И ако не, кој е тајниот “рецепт за успех во 2017та” на кој би ги насочила брендовите кои се застапени на социјалните мрежи?
Ива Дујак: Големиот буџет не е клучен, но, може многу да помогне. Во денешно време социјалните медиуми се преплавени со комуникација од различни брендови, што доведува до селектирање на информациите кои ги примаме. Поради огромното количество на информации, дури и одлична идеја за кампања за жал може да остане во мал затворен круг на следачи доколку не се поддржи со адвертајзинг кој би го зголемил целокупниот досег.
Секогаш постои можноста (и надежта :) за следното големо вирално нешто, но, многу често и зад големите вирални хитови се крие убав буџет за PR и рекламирање. :)
М365: Кои метрики според тебе се битни за успешно мерење на “social media ROI”?
Ива Дујак: осегот, интеракциите и се разбира продажбата. :)
М365: Неколку онлајн македонски кампањи кои сметаш дека оставиле силна порака и печат во Македонија и би сакала јавно да ги пофалиш?
Ива Дујак: Една од ретките кампањи која ми остави впечаток во последниов период е кампањата „Биди фер – за детство без пречки“ на Уницеф Македонија. Иако концептот не е ништо ново или досега невидено, сметам дека кампањата, особено видеата, одлично ги пренесоа посакуваните емоции и ја раскажаа приказната која носи силна порака. Сите останати примери на кампањи кои ми доаѓаат на памет (на страна од оние кои ги имаме работено во Brand Union :) се прилично стари, па затоа ова прашање би го оставила како можност за продолжување на муабетот во некоја следна прилика. :)
М365: Социјални мрежи или блогирање?
Ива Дујак: Колку и да сум зависна од првото, сепак блогирање. Блоговите ги доживувам многу полично, како онлајн локации тотално издвоени од потребата за внимание и социјална валидација. Тежината на блоговите ја гледам во просторот за споделување на содржина која е вистински вредна и корисна, па затоа верувам дека секогаш ќе бидат мој прв избор.
М365: Во моментов се повеќе се развива блогерската модна сцена во Македонија, меѓутоа Skopje Casual е меѓу првите блогови од овој тип, кој во континуитет се развива со квалитетна содржина веќе 5 години. Доказ за тоа е и професионалната соработка со интернациоалниот бренд „Daniel Wellington“. Некое искуство околу соработката со интернационален бренд? Колку македонските брендови се расположени за соработка?
Ива Дујак: Mногу сме среќни што имавме можност на три пати да соработуваме директно со бренд како Daniel Wellington. Toa што тие самите нè побараа за соработка ни беше голема потврда дека сме на вистински пат со тоа што го работиме, па повторните соработки само уште поголема валидација дека вложувањето се исплати. Комуникацијата, како и што може да се очекува од Шведски бренд, беше брза и едноставна, од првичниот контакт до комплетирање на активностите нè делеа 4-5 мејлови.
Македонските брендови се спремни за соработка со блогери сè додека станува збор за компензација, но кога ќе се спомне финансиски надомест многу често се повлекуваат. Многу често одат на проверени комбинации за кампањи и едните па исти блогери, niche пазарите за жал сè уште им се неоткриена територија J Верувам дека со време ќе ја сфатат вредноста на блогерите, па ќе може да има уште многу поинтересни и поквалитетни соработки.
М365: Што би можеле да олекуваме следно од вас како новитет на Skopje Casual?
Ива Дујак:Веќе подолго време размислуваме околу концептот на блогот и различни начини да ја прошириме лежерноста. Тоа што можеме да ветиме е дека ќе продолжиме да ја шириме приказната за лежерно Скопје во секоја сфера од живеењето, начинот на кој ќе го правиме тоа допрва ќе го споделиме
М365: Топ 5 инспиративни ликови/страници/блогови кои е неопходно да се следат според тебе секојдневно?
Ива Дујак:
- Fubiz http://www.fubiz.net/
- Jessica Walsh https://www.instagram.com/jessicavwalsh
- Istok Pavlovic https://www.facebook.com/istokpavlovicmarketing/
- Gaping void https://www.gapingvoid.com/blog/
- Adsoftheworld http://adsoftheworld.com/
За сите заедничко е едно, инспирација. Без разлика дали се работи за одлични кампањи, дизајни, фотографии, коментари на општествени случувања, секој од овие линкови ги отворам за да се изнагледам убави идеи и наполнам енергија за создавање нешто ново.
М365: За да се биде успешен маркетар, дефинитивно потребно е…
Ива Дујак: Храброст, упорност, мнооогу кафе, љубов кон работата и добар тим за поддршка.
М365: Дали кај тебе се уште важи девизата “Content is king”? :)
Ива Дујак: Да, со тоа што како минува времето типот на содржина кој ја има доминантната улога се менува :)
М365: Пред некое време, еден твој колега ни сподели 5 причини зошто сака да биде дел од маркетинг агенција. Накратко, кои се твоите 5 причини? :)
Ива Дујак:
- Никогаш не е досадно :) – Со секоја нова кампања имаме можност за размислување во сосема нова насока, поставување на нови цели, освојување на нова публика. Тоа што во маркетинг агенцијата едноставно не е дозволено да заглавиш во рутина ми е една од најголемите причини зошто го сакам ова што го работам.
- Предизвици. – Колку и да изгледа супер инспиративно и забавно првата точка, факт е дека често налетуваме и на предизвици. Убавината тука е што по секој совладан предизвик растеме уште повеќе, па така предизвиците како составен дел од работата се причина бр. 2 :)
- Можноста за постојан личен раст. – Маркетинг агенциите се места во кои едноставно никогаш не можеш да каже дека знаеш сѐ. Пазарот се менува интензивно и брзо, го следат и очекувањата на клиентите, па така излегувањето од комфорната зона на редовна база е стандардна пракса.
- Колегите. – Ова е делот кога интервјуто се претвора во „сакам да ги поздравам сите во публиката, особено колегите од фирма што читаат“. :) Шала на страна, ќе ги ставев на прво место по приоритет да не знаев дека после ќе ме зезаат дека ми се најважни. :) Ме смеат, ме учат на нови работи, ме буткаат кога тоа ми треба, понекогаш и ме нервираат (oh, yes I said it), ме инспирираат… Можам да пишувам уште 5 пати по 50 причини, но, на кратко, луѓето се тие кои ја прават фирмата, сѐ останато е споредно.
- Моментот на лансирање на кампања. – Возбудата кога нешто што го осмислуваш со месеци конечно ќе се појави пред публиката. Првиот share, like, ретвит…Таа некоја возбуда кога ќе видиш дека нешто кое дотогаш ти било во глава оживува и почнува да има интеракција со публиката, причина да те тера да правиш уште повеќе и повеќе :)