Поминаа два месеци откако во Македонија беше избрана новата влада. Една од битните теми која се отвори периодов а која е битна да ја покриеме и на нашиот портал е и околу информацијата која проструи во јавноста дека владата ќе ја сервисира тим од околу 40-тина ин-хаус комуникациски професионалци. Во меѓувреме, додека да се конституира целосно тој тим и видиме што навистина ќе произлезе од тие информации и активности, будно ја следевме и комуникацијата на министерствата чии ПР оддели интензивно од првиот ден се зафатија со директна комуникација со своите јавности преку повеќе традиционални канали, но и преку социјалните мрежи.
Едно од министерствата што се издвојува со динамичната комуникација на социјални мрежи на дневна основа, особено во кризни ситуации како таа од минатата недела несомнено е и Министерството за здравство.
Уште од првиот ден од назначувањето на министерот за здравство, одделението за односи со јавност на Министерството значително ги унапреди постојните и активираше нови канали за комуникација како Фејсбук и Твитер. Најдобар показател за зголемениот интерес во јавноста се и брзорастечките бројки на следбеници, особено на Фејсбук каде што од 3,000 бројот на следбеници порасна на 14,000 и Твитер, што воопштно претходно не беше користен а сега има над 1000 следбеници.
Успешната комуникација на социјалните мрежи, се должи не само на навременото информирање преку секојдневни објави, туку и на постојаната комуникација со следбениците кои преку кампањата Твој доктор и постови со благодарници за докторите, всушност самите придонесуваат кон поголема отвореност и менување на перцепцијата за здравството во Македонија. Особено интересни за јавноста се и видеата со најразлични здравствени совети што министерството редовно ги поставува на социјалните мрежи.
Една од новините што предизвика посебно позитивен интерес во јавноста е и линијата за пораки преку Viber и Whatsapp – #ЗдравоТаравари.
“Од моментот кога беше активирана оваа линија за комуникација со министерот, добиени се преку 3,000 пораки, од кои поголем дел се сугестии и предлози за подобро функционирање на здравствениот систем а помал дел од нив се конкретни проблеми со кои се соочиле граѓаните како и пријави за неправилности во работењето на одредени здравствени установи”, велат од одделението за односи со јавност во Министерството. Тие додаваат дека “во однос на некои конкретни проблеми каде може лично да се помогне веднаш се излегува во пресрет но има и случаи каде што станува збор за стручна проценка на докторите или се во надлежност на друга институција.”
Моќта на социјалните медиуми и ефективниот начин на кој министерството ги користи, посебно дојде до израз минатата недела кога за време на работната посета на министерот Таравари во САД, Министерот уште првиот ден се обрати и упати смирувачки апели до јавноста преку видео а веќе следниот ден преку видео во живо ги сооошти резултатите од извршените испитувања, нешто што го видовме за прв пат како комуникациска праска од наше Министерство.
“Наш главен фокус и во иднина останува навременото и прецизно информирање на јавноста во real-time. Особено е важно што имаме министер што е секогаш отворен за комуникација со јавноста и што секогаш со позитивен став ги прифаќа предлозите на одделот за односи со јавноста”, додаваат од Министерството.
Работата на ова министерство навистина треба да биде пример и за другите владини институции за успешно користење на модерните алатки за комуникација со граѓаните, и пракса која веруваме дека ќе биде следена од сите ПР тимови на владата и министерствата на Република Македонија.