Иако лажните вести сеуште продолжуваат да го контаминираат Фејсбук, социјалната мрежа презема дополнителни чекори да го намали нивното ширење.
Во текот на вчерашниот ден компанијата најави дека нема да дозволува на ФБ страните кои повеќекратно споделуваат лажни вести да се рекламираат на платформата. Ова политика е продолжение на праксата за блокирање на реклами со линкови кон стории, кои трети страни ги означиле како лажни. Чекорот е последен во низата и напорите Фејсбук да “се чисти“ од споделување на лажни вести на платформата.
Во својот блог пост, продукт менаџерите на Фејсбук Сатвик Шукла и Теса Лионс, пишуваат дека со овој чекор сакаат да стават на знаење дека нивната платформа ќе се бори против правењето пари со дистрибуирање на дезинформации.
“Детектиравме практики со кои се користат Фејсбук реклами за да се “билдаат“ страни и корисници со цел да се дистрибуираат лажни вести. Сега, ако забележиме дека некоја ФБ страна повеќекратно споделуваат вести кои се “маркирани“, тие нема да може да купуваат реклами на Фејсбук. Ако запрат со овие практики, повторно ќе им биде дозволено да стартуваат со реклами“ .
Оваа новина е најнова во низата промени кои Фејсбук ги најави на почетокот на Ноември 2016, кога се соочи со критики за својот удел во ширењето на дезинформациите, што секако најизразено беше за време на претседателските избори во САД.