Денешен гостин на Маркетинг365, е Г-дин Стојче Стаменковски, претседател на РСБСП (Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата), институцијата која изминатиов период реализираше неколку одлични едукативни кампањи кои имавме можност да ги пренесеме и нашиот портал. Повеќе за тоа како оваа институција гледа на континуираната комуникација со граѓаните преку рекламни кампањи, нивните резултати и плановите за во иднина – прочитајте во разгворот во продолжение…
М365: РСБСП во изминатиов период беше многу често споменувана на Маркетинг365, што навистина не било случај со ниту една друга државна институција. Повод секако беа одличните едукативни кампањи кои беа исклучително впечатливи и оставија траен белег во меморијата на нашите граѓани. Како во тој дел (комуницирањето со јавноста) го гледате развојот на РСБСП изминативе неколку години? На што се должеше таа одлука за по-динамични активности во овој контекст?
Стојче Стаменковски: Најпрво благодарам за поддршката и констатација. И покрај тоа што РСБСП е државна институција факт е дека посветуваме сериозно внимание на кампањите, комуникацијата со јавноста и едукацијата.
РСБСП во изминативе две години создаде еден нов компетентен млад тим кој е составен од млади професионалци и креативци и токму тој тим направи една сериозна анализа и заклучи дека подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата може да се направи единствено со промена на свеста, навиките и културата на однесување во сообраќајот и за таа цел РСБСП пристапи кон континуирана и посветена работа, со високо ниво на креативност, поголемо присуство во медиумите и соработка со сите општествени чинители. Во таа насока ќе потенцирам дека РСБСП во изминативе две години реализираше голем број кампањи, создаде креативна веб страна, секојдневно сме присутни во јавноста со информативно – едукативни соопштенија и голем број јавни и едукативни настани и манифестации. Таквиот концепт на работа во изминатите две години од РСБСП направи инситутуција која е препознатлива во јавноста, односно современа и модерна институција која отиде неколку чекори напред во градењето на имиџот и подигнувањето на свест за одговорно учество во сообраќајот.
М365: Дали можете да ни кажете повеќе за пристапот во креирањето и осмислувањето на кампањите и тимот кој стои позади овие проекти?
Стојче Стаменковски: РСБСП е јавна инситутција, тело на Собранието на Република Македонија и кога работиш во една таква институција секогаш треба да бидеш внимателен при осмислувањето на кампањите истите да бидат соодветно спакувани и осмислени како за јавна институција, но истовремено тоа пакување да биде доволно ефективно за да даде максимални ефекти и резултати во јавноста.
Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата редовно изработува годишна програма за работа која се темели на анализа на статистичките податоци и останатите показатели од претходната година. Програмата во себе вклучува 100-тина различни проекти и активности, но истата се заснова на неколку клучни сегменти во кој цениме дека треба да се движат нашите активности таа година. Во таа насока оваа година се фокусираме на младите и ранливите категории учесници (пешаци, велосипедисти, мотоциклисти).
Во креирањето на кампањите секогаш се водиме врз основа на реалните проблеми и реалните состојби. Најголемиот дел од кампањите кои се реализирани во изминатиот период се излезени од „креативната фабрика“ која функционира во рамки на РСБСП. За некои од нив имаме подршка од домашните маркетинг агенција, но скоро секогаш идејата и реализацијата, се дело на нашиот тим. А, како што веќе истакнав, тимот е составен од млади професионалци кои пред се многу ја сакаат оваа работа, веруваат во тоа што го прават и силно се убедени дека кампањите на РСБСП може да ја променат сообраќајната свест, сообраќајната култура и безбедноста на сообраќајот на патиштата. Тоа се луѓе кои со гордост и задоволство се потпишани како тим на сите реализирани активности и луѓе кои 24 часа секој ден од недела живеат со идејата за подигнување на безбедноста на сообраќајот на патиштата и помал број на жртви на сообраќајниците.
М365: Како сте задоволни од постигнатите резултати, колку овие кампањи имаа реален ефект изразен во бројки ?
Стојче Стаменковски: Кога се во прашање кампањите за безбедност на сообраќајот на патишата прилично е многу тешко да се говори за нивната успешност на краток рок. Едноставно потребно е време и континуитет да се сменат навиките во сообраќајот. Онаа што е важно и што е една од целите на РСБСП, е тоа што безбедноста на сообраќајот на патиштата се издигна како еден од врвните општествени предизвици со кои треба да се справиме и како институции и како поединци и тоа е првиот и најважниот чекор кон промена на состојбите. Понатаму преку лични и индивидуални активности и преку институционални мерки и програми постепено нештата ќе доаѓаат на свое место.
Резултатите од кампањите се чувствуваат на среден или долг рок. Онаа што не радува и ни дава позитивен фидбек и мотив за работа е фактот дека поголемиот дел од граѓаните, а особено младата популација со задоволство ги прифаќа и поддржува кампањите и активностите на РСБСП. Според мене, најголемата и најважната причина за тоа е фактот дека кампањати се соодветно креирани и дизајнирани за соодветно да и пристапат на популацијата ( целната група за која се наменети) и на темата на која се однесуваат, а преку тоа и ефективно да ја унапредат свеста и разбирањето за проблемите, предизвиците и последиците од сообраќајните незгоди.
Кога сме кај бројките само на кратко ќе кажам дека во првите 8 месеци оваа година имаме сериозно намалување на бројката на сообраќајни незгоди и жртви во нив, но сеуште е рано да носиме било какви предвидувања за до крајот на година. За периодот што следи подоготвуваме низ едукативни кампањи со чија помош се надеваме дека ќе успееме да го задржиме ваквиот позитивен тренд.
М365: Колку РСБСП ги следи регионалните и глобални трендови на сличните институции од светот, кога е во прашање комуникацијата преку мас медиумите?
Стојче Стаменковски: Маркетингот е област која несомнено бара постојана комуникација со колегите од останатите земји и неминовно следење на актуелните маркетинг трендови. Редовно сме присутни на сите регионални маркетинг конференции и европски конференции поврзани со безбедноста во сообраќајот на патиштата. Сигурно читателите забележале дека за разлика од сите други јавни инситуции, РСБСП многу поголемо внимание посветува на социјалните медиуми што директно говори за тоа дека се грижиме и преземаме мерки редовно да бидеме во тек со современите маркетинг трендови.
Слободно можам да кажам дека не ретко се случува да добиеме некоја интересна идеја од нашите колеги од Европа и истата таа идеја да ја развиеме и имплементираме во наши услови, но и се почесто се случува нашите идеи делумно и во целост да бидат преземени од странските или домашните агенции.
Според мене маркетингот е една широка област во која соработка мора да има, но истовремено треба да се води сметка да се задржи сопствениот идентитет, креативноста и оргиналноста.
М365: Што е она што во иднинина можеме да го очекуваме од РСБСП, какви се Вашите лични идни планови?
Стојче Стаменковски: Кога зборуваме за РСБСП зборуваме за колективни планови, затоа што ние размислуваме, планираме и креираме тимски.
Како што претходно напоменав РСБСП е инситутција која што буквално не одмара. Во моментов актуелна се три поголеми кампањи: првата е кампањата „Младост без лудост“, потоа кампањата која ја реализираме во соработка со Лукоил Македонија и носи наслов „Животот е полн со бои само кога е безбеден„ и кампањата за почетокот на новата учебна година под мотото „Ѕвони за час – Возете внимателно, дечињата тргнаа на училиште“.
Во периодот што следи во план е реализација на една голема кампања наменета за велосипедистите и развивање на една поширока платформа за општествена одговорност преку која ќе се обидеме да влијаеме на приватните компании повеќе да размислуваат за нивен придонес во подигнување на безбедноста во сообраќајот на патиштата на повисоко ниво – како една индиректна форма на нивен маркетинг. Понатаму, од ноември месеци ја стартуваме зимската кампања која оваа година ќе биде нешто ново и многу покреативно од се до сега и на крајот на година време е за едукација и образование поврзано со безбедно и одговорно учество во сообраќајот за време на новогодишните празници.
М365: Има ли некоја кампања која посебно ви е драга и ви оставила впечаток?
Стојче Стаменковски: Сите кампањи на РСБСП имаат посебна тежина. Ако веќе морам да одберам некои посебно ефективни кампањи кои РСБСП ги реализираше во изминатиот период би ги издвоил: прво, кампањата која ја реализиравме минатата година а во која познатите личности со жолти табли испраќаа моќни пораки за подигнување на безбедноста на децата во сообраќајот – ми се чини дека тоа беше ударна кампања која многу влијаеше кај популацијата, а истовремено сериозно ја подигна информираноста за постоење на едно тело како РСБСП во Македонија.
Понатаму тука е кампањата „На патиштата им се потребни одговорни возачи„ која имаше цел подигнување на свеста за штетните последици од употребата на мобилен телефон при управување со возилото.
Секако на крајот ќе ја споменам најефективната кампања која буквално предизвика бура на позитивни реакции помеѓу младите, тоа е кампањата „Младост без лудост“ која се реализираше изминатиот период и сеуште е актуелна, а за која сум сигурен дека речиси да нема човек кој нема слушнато. Само на кратко ќе ги споменам графитите низ Скопје, црно – белите фотографии од познатите личности со кои ја најавивме кампањата и скршеното возило кое беше поставено на неколку локации во главниот. Така денес кога ќе спомнеш „Младост без лудост„ првата асоцијација е РСБСП – безбедно и одговорно возење и тоа е факт кој што ме прави горд и многу ме радува. Секојдневно луѓето ја поздравуваат и поддржуваат оваа превентивна активност на РСБСП и партнерите.