Брисел чекаше долго време за да го добие својот прв Burger King ресторан, а тоа не одеше непречено. Кога го најавуваше своето пристигнување во белгиската престолнината, компанијата имаше реклама во која буквално ги прашуваше луѓето да одберат помеѓу Burger King (“Кралот на хамбургерите”) и вистинскиот крал на Белгија, Крал Филип, што многу не им се допадна на монархијата која имаше и свое соопштение против рекламата.
Помина доста време од тогаш, и после Антверп, Шарлерои и Намур, Burger King конечно отвори ресторан во Брисел, поточно во населбата Аудергем, што не е баш во центарот на градот.
Затоа, брендот го престави Whopper Bus, автобуска линија која од 13 до 16 септември возеше низ речиси целиот град и бесплатно ги носеше луѓето до ресторанот на Burger King.
“Кога Burger King побара од нас да се соочиме со белгиските агенции во нивниот конкурс, знаевме дека тие бараат идеја од ваков тип – малку луда, но прецизно остроумна,” објасни Жорж Мухамед-Шериф претседател и извршен креативен директор на Buzzman Париз, кои стојат позади идејата. Оваа агенција во повеќе наврати беше заслужна за невообичаени кампањи на Burger King кои вклучуваа паста за заби, грди новогодишни џемпери, мистериозни бургери и слично.
Идејата со автобусот беше остварена во парнерство со De Lijn, транспортна компанија од Белгија.
“Моментално работиме на стратегија за 2018 и сме прилично сигурни дека повторно ќе слушнете за Burger King Belgium,” додаде Мухамед-Шериф.