Британската организација Newsworks преку впечатливи визуелни контарасти сака да укаже на одговорноста и длабочината на вестите
Newsworks, стручно тело за национални дневни весници во Велика Британија, објави рекламна кампања која става впечатливи слики на конфликти наспроти дводимензионалните емотикони, за да ја демонстрира длабочината на вестите и потребата за доверливи вести кои ќе ја анализираат сложеноста на светот сега повеќе од било кога досега.
Кампањата, под називот „it’s time to get real“, настана од соработката со огласувачката агенција Gravity Road, а започна на 8 октомври во дневните весници на Newsworks.
Рекламите користат моќни сцени од вести од целиот свет, вклучувајќи фотографии од протестите во Венецуела, фотографии на роднини кои повторно се пронаоѓаат од двете страни на жичаната ограда, и жена која ги прекрива очите на детето додека во позадина може да се види војник. Овие слики се ставени наспроти едноставни дводимензионални емотикони, за да укаже дека носат поголема тежина.
Ова стручно тело се надева дека со повлекувањето на јасна паралела помеѓу сложеноста на новинарските приказни и едноставноста на емотиконите ќе се нагласи улогата на новинарите во пренесувањето на сериозни вести во време кога доверливата вест е потребна повеќе од било кога претходно.
Рекламите содржат и порака: „Весниците создаваат контекст на кој можете да му верувате. Бидете дел од тоа.“