„До вработување се доаѓа со: Партиска книшка, врски, образование или напорна работа?“. Ретко кој ги пропуштил рекламите кои деновиве кружат низ Скопје и ги “скокоткаат“ политичките елити.
Прашањето (или поточно кажано рекламната-провокација) е дел од промо кампањата за емисијата „Само вистина“ на „Канал 5“ телевизија, која покрај автобусите како комуникациски канал ги користи и социјалните мрежи.
Copy-то, пак, кое навистина вроди со плод е „До кога политичарите ќе бегаат од дебата?”. Кога пред очи постојано ви кружи ова “прашање кое содржи и констатација“, ќе сфатите дека да, досега политичарите навистина долго ги избегнуваа политичките дуели и соочувањето со неистомислениците и опонентите. Оваа провокација очигледно беше сериозно забележана и од самите политичари, па ете, придонесе кон значителен чекор напред кон подобро веќе по една недела од кампањата.
Во студиото на „Само вистина“ предизборно се соочија скоро сите противнички кандидати за градоначалници, а изминатата недела имаше дебати, односно присуство од двете најголеми политички партии.
Гостуваа aналитичари, експерти и политиколози кои до вчера не ни помислиле да се појавуваат на телевизија. Острата реторика на веб и Out Оf Home кампањата на „Само вистина“ вроди со плод!
За поздрав е вложувањето во овој тип комуникација, вложувањето во промена на свеста кај политичарите и општо на медиумската сцена кај нас. За поздрав е одлуката да се “агитира“ за демократизирање и објективност. Се надеваме дека и останатите ќе го следат овој позитивен пример на дебатната емисија.