Минатата недела Фејсбук ги објави финансиските резултати за третиот квартал во кои се забележани приходи поголеми од 10 милијарди долaри со профит од 4,7 милијарди долари, а како и во секој квартал до сега, забележан е и пораст на бројот на месечно активните и дневно активните корисници. Но, покрај овие информации, од оваа компанија открија уште еден интересен податок за корисниците на најголемата социјална мрежа на светот – бројот на дупли и лажни профили. Иако точниот број на таквите профили е невозможно да се знае, извршниот финансиски директор на Фејсбук, David M. Wehner изјави дека околу 10% од месечно активните профили се дупликати, односно ги користат лица кои имаат веќе отворено и други профили на оваа мрежа. Исто така, уште околу 2-3% од месечно активните профили на оваа мрежа „не се автентични“, односно се користат за испраќање на спам пораки и други кршења на правилата за користење на оваа мрежа“.
Со оглед на тоа што Фејсбук има 2,07 милијарди активни месечни корисници, тоа би значело дека дури околу 60 милиони профили на оваа мрежа би можело да бидат целосно лажни или отворени заради испраќање на спам пораки, разни измами и слично, додека повеќе од околу 200 милиони се профили на корисници кои на оваа мрежа веќе имаат најмалку еден профил.
Во текот на објавата на финансиските резултати Зукрберг најави дека неговата компанија во иднина уште повеќе ќе се фокусира на отстранување на лажните вести и говорот на омраза од Фејсбук, а бидејќи таквата содржина најчесто се објавува токму од лажни профили, тоа значи дека во иднина можеме да очекуваме намалување на бројот на дупли и лажни профили, но тоа веројатно ќе се одрази и на работењето, односно профитабилноста на компанијата.