Институтот за боја „Пантон“ минатата година ја избра светло зелената боја (Greenery) за своја Боја на годината, со цел да додаде малку комфор во очекувањето на бурната 2017 година. Сега, во пресрет на 2018 година, „Пантон“ избра боја која малку повеќе повикува на размислување: Ултра Виолетова боја.
„Живееме во време кое бара инвентивност и имагинација. Тој вид на креативна инспирација е вродена за Ултра Виолетовата боја PANTONE 18-3838, која што нашата свест и потенцијал ги пренесува на повисоко ниво“, изјави Леатрис Ајземан, извршен директор на Институот за боја „Пантон“. „Од истражување на нови технологии и галаксии, до уметничко изразување и духовно размислување, интуитивната Ултра Виолетова боја го осветлува патот до она што допрва треба да дојде.“
Виолетовата боја е прва асоцијација и за Принц, Дејвид Боуви, но и Џими Хендрикс. Пантон напоменува дека длабоко виолетовата боја, каква што е ултра виолетовата „одамна е симбол за контра-култура, неконвенционалност и уметничка брилијантност.“
Оваа боја, исто така, наведува на размислување за “мистериите на космосот, интригите на она што е пред нас и откритијата од онаа страна на која сега се наоѓаме“, како и „огромно и неограничено ноќно небо“, се наведува во соопштението од Пантон.