Овај потег предизвика бројни негодувања не само помеѓу корисниците, туку и помеѓу брендовите и технолошките компании
Федералната комисија за комуникации (FCC) минатата недела изгласа укинување на законите за неутралност на интернет, кои се донесени во 2015 година за време на администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама, а кои бараа од интернет провајдерите подеднакво да го третираат целиот веб промет. Со нив се гарантираше еднаков пристап на интернет.
Без мрежна неутралност, поголемите комукикациски компании, како што се Verizon, Comcast и AT&T можат да ги блокираат одредени веб страници или да им го наплатуваат на корисниците пристапот до содржините. Со укинување на правилата за неутралност на интернет, Федералната комисија за комуникации ќе има помала улога во надзорот на ова поле, додека интернет провајдерите можат да даваат привилегии за поголема брзина на оние кои ќе си платат за тоа.
Додека противниците на ваквата одлука истакнуваат дека неутралноста го отвара интернетот и ги прави дигиталните информации слободни, претседателот на комисијата Ајит Паи, пред гласањето тврдеше дека укинувањето на интернет неутралноста ќе им помогне на давателите на услуги да ги диференцираат своите производи, што би значело поголем избор на потрошувачите во изборот на нивниот интернет пакет.
„Промовирајќи конкурентност, ние има помагаме на потрошувачите“ изјаци Паи. “Провајдерите на широкопојасен интернет ќе имаат поголем потенцијал да ги изградат своите мрежи, особено на подрачјата кои не се соодветно покриени.“
Огласувачите стравуваат дека со укинувањето на неутралноста ќе се зголемат цените за рекламирање и ќе се намали конкуренцијата, но воедно ќе настанат и низа проблеми околу стандардите. Мерењето на видливоста на содржините, коешто до сега беше едно од најрелевантите парамаметри во огласувањето, би можело да биде целосно обезвреднето.
Треба да се напомене дека неутралноста на интернетот сè уште не е целосно исчезната. Бројни групи за застапување и пратеници планираат да започнат иницијативи и тужби со цел да се спротивстават на одлуките на FCC. Исто така, оваа одлука се однесува само на САД, и не влијае на неутралноста на интернетот во другите делови на светот.