Фејсбук оствари приходи од речиси 13 милијарди долари во четвртиот квартал од 2017 година, што е за 47% повеќе во однос на истиот период лани, а порасна и профитот на најголемата светска социјална мрежа
Според објавениот бизнис извештај, чистата добивка на Фејсбук изнесувала 4,3 милијарди долари во четвртиот квартал, што е за 20% повеќе во однос на претходната година.
Приходите од огласување се зголемија за околу 50%, на 12,78 милијарди долари, при што приходите од огласување на мобилните уреди сочинуваат 89% од вкупните приходи од огласување, додека една година претходно изнесуваа 84%.
Компанијата објави дека повеќе од 70 милиони компании низ светот одржуваат официјална Фејсбук страница, а повеќе од 6 милиони компании се рекламираат на Фејсбук.
Огласувачите веќе долго време ги пренасочуваат парите од телевизијата во огласувањето на веб и мобилните платформи, а Фејсбук е една од компаниите кои има најголема корист од тоа, иако на мобилниот видео-пазар се соочуваат со жестоката конкуренција од Snapchat и YouTube, кои исто така секојдневно привлекуваат милиони посетители.
Аналитичарите проценуваат дека оваа година приходите на Фејсбук од реклами ќе достигнат 53,8 милијарди долари, па оваа социјална мрежа биде најголем продавач на реклами во светот по Google.
Според податоците од бизнис извештајот, Фејсбук имаше 2,13 милијарди активни месечни корисници ширум светот на крајот од претходното тромесечие, а секојдневно оваа социјалната мрежа ја посетуваат 1,4 милијарди, што е за 14% повеќе од една година претходно.
Во цела 2017 година, приходите на Фејсбук пораснаа за 47%, на 40,65 милијарди долари, при што чистата добивка на компанијата скокна 56%, на речиси 16 милијарди.
“2017 беше силна година за Фејсбук, но и тешка“, изјави Марк Цукерберг, извршниот директор, кој ја основа Фејсбук во 2004 година.
Според резултатите од бизнис извештајот, скандалот поради лажните реклами на Фејсбук, платени од Русија, кои се обидоа да влијаат на претседателските избори во САД повеќе од една година, не влијаел на финансиското работење на оваа социјална мрежа.
Но, Фејсбук неодамна објави дека ќе вработи нови работници кои ќе се борат против лажни реклами, а објави и други мерки за зголемување на безбедноста на оваа социјална мрежа.
Поради тоа, меѓу другото, во четвртиот квартал на 2017 година трошоците на компанијата пораснаа за 34% на годишно ниво, на 5,6 милијарди долари.
Фејсбук објави дека неговите промени во News Feed доведоа до намалување на времето кое корисниците го користеле на социјалната мрежа за околу 50 милиони часа на ден во однос на претходното тримесечје, што предизвика расправи помеѓу аналитичарите.
Но, Цукерберг најави дека компанијата презема многу сериозна дебата за корисноста на страниците на социјалните медиуми и сака да обезбеди дека времето потрошено на мрежата има “повеќе смисла”.