Alphabet оствари приходи од 32,3 милијарди долари во последниот квартал од минатата година, 24% повеќе од претходната година, а драстично се зголеми и профитот на матичната компанија на Гугл, ако се одземат еднократните даночни трошоци
Според бизнис извештајот објавен пред една недела, чистата добивка на Alphabet, матичната куќа на Гугл, достигнала 6,8 милијарди долари во претходниот квартал, што е зголемување за 28% од претходната година.
Но, кога ќе се вклучат еднократните даночни трошоци од 9,9 милијарди долари, поврзани со неодамна воведената даночна реформа во САД, компанијата работела со загуба од околу 3 милијарди долари.
По објавувањето на резултатите, цената на акциите на Alphabet во продолженото тргување по затворањето на Волстрит, падна за речиси 3%, што според аналитичарите, е резултат на силниот раст на трошоците на компанијата.
Имено, овие трошоци се зголемија за 27% на годишно ниво, побрзо од растот на приходите во изминатиот квартал.
Сите други резултати на компанијата се одлични, велат аналитичарите. Така, приходите на Гугл од огласување, кои изнесуваат околу 85% од вкупните приходи на овој технолошки гигант, се зголемија за 22% на годишно ниво, на 27,3 милијарди долари.
Притоа, бројот на реклами или платени “кликови”, скокна за 43% во однос на истиот период претходната година, повеќе одколку што аналитичарите очекуваа. Трошоците по клик се намалени за 14% на годишно ниво.
Резултатите покажуваат дека Alphabet добро се справува со жестоката конкуренција од Фејсбук на пазарот на мобилното и видео огласување, кое расте забрзано, бидејќи огласувачите се подготвени добро да платат и за неколку секунди внимание од целната публика.
Според аналитичката компанија eMarketer, Гугл и Фејсбук заедно сочинуваат речиси 60% од глобалниот пазар за мобилно и видео огласување. Голем дел од овие приходи на Гугл се резултат на популарноста на Јутјуб.
Освен самиот Google, кој вклучува интернет пребарувач и YouTube, и останатите оперативни делови од Alphabet, во кои компанијата многу инвестира, како што се хардвер и “cloud” услугите, бележат подобрувања.
Благодарение на ова, во текот на 2017 година, приходите на Alphabet пораснаа за 23% на 110,9 милијарди долари.
Но, нето добивката на компанијата падна за 35%, на 12,6 милијарди долари, како резултат на еднократните даночни трошоци, но и казната од 2,7 милијарди евра која ја одреди Европската комисија поради злоупотребата на доминантната позиција на пазарот на пребарувачи.