На 15-ти февруари, Google ќе ја објави новата верзија на прелистувачот Chrome со вграден AdBlocker кој автоматски ќе блокира несоодветни рекламни формати.
Здружението за интерактивно огласување ИАБ Македонија, по повод објавувањето на новата верзија на прелистувачотGoogle Chrome, која ќе содржи вграден AdBlocker и автоматски ќе блокира рекламни банери кои не ги почитуваат стандардите, го издава ова соопштение со цел да ги запознае компаниите, огласувачите и издавачите со промените и трендовите кои што доаѓаат во самата индустрија. Новата верзија на Chromeе најавена од страна на Google на 15-ти февруари 2018.
Една од главните промени е тоа што огласни формати и на мобилен и на десктоп како банери и видеа со автоматско пуштање на звук и содржина, интро банери кои зафаќаат цела страна, поп-ап банери, банери кои бараат активност за да пристапите до содржините или бараат од посетителите да чекаат неколку секунди, од Google Chrome ќе бидат препознаени како огласни формати кои не се прифатливи и ќе бидат блокирани. Една од најважните работи е тоа што според објавените информации од Google, доколку на сајт има и само еден банер кој спаѓа во несоодвените формати, сите банери (вклучувајќи ги и тие сервирани од рекламната мрежа на Google, AdSense) ќе бидат блокирани.

Оваа промена е значајна за сите онлајн медиуми, огласувачи и маркетинг агенции, како и за самите посетители. ИАБ Македонија ја поддржува оваа промена, бидејќи истата е поттикната со цел на подобрување на корисничкото искуство и ставање на барем малку ред во дигиталното огласување. Промената е поттикната од коалицијата Coalition for Better Ads во која членуваат едни од најголемите компании во светот како Google, Microsoft, Unilever,како и IAB, во чија глобална мрежа учествува и ИАБ Македонија.
Листа на форматите кои ќе бидат опфатени ќе пронајдете на следниов линк.