Фејсбук и Гугл во последно време се на голем удар на критики – од поранешни вработени, преку инвеститори до бројни здруженија, се чини дека секој има нешто да им приговори на овие компании.
Здружението на педијатри и психолози тврди дека Фејсбук го оштетува здравјето на децата, поранешните вработени и некои инвеститори се згрозени од тоа во што се претвориле овие компании и како манипулираат со нивните корисници, Џим Кери неодамна го затвори својот профил на Фејсбук и ги повика сите на бојкот, а поради промената на алгоритмот, најголемиот издавач на бразилските весници го најави престанокот на објавувањето на содржините на мрежата на Цукерберг.
Нов удар за овие компании дојде од Унилевер, вториот по големина најголем огласувач во светот, кој голем дел од својот буџет троши на дигитално огласување, главно на Фејсбук и Гугл. Главниот маркетинг директор на компанијата, Кит Вед, ги повика овие компании на одговорност и ги обвини за создавање на мочуриште во кое кружат лажни вести и криминални содржини.
Не можеме да имаме услови во кои нашите потрошувачи не веруваат во она што го гледаат на интернет, им порача тој на овие интернет гиганти, барајќи транспарентно однесување и заштита на децата и другите корисници од “токсични онлајн содржини”.
Под притисок на лажните вести, екстремистичките содржини кои ги преплавија Фејсбук и Јутјуб, овие компании веќе презедоа некои мерки за запирање на објавата на екстремистички и терористички содржини, говор на омраза и слично. Гугл, односно Јутјуб минатата година се најдоа на удар од огласувачите поради сличен проблем – рекламите на Јутјуб беа прикажувани покрај содржините поврзани со тероризам, па затоа некои компании одлучија да престанат со рекламирање на овај видео сервис, додека тимот на Гугл не се справи со ситуацијата.
Што се однесува до Унилевер, од оваа компанија велат дека нема да инвестираат во брендови кои не ги штитат децата и создаваат поделби во општеството и имаат намера да соработуваат само со организации кои се посветени на создавање на подобра дигитална инфраструктура.