Компанијата тврди дека издавачите треба само да го стават кодот на нивната веб-страница за да ги користат нивните автоматски реклами, а Google ќе се погрижи за сè друго
Во средата, Google им понуди на веб издавачите нова функција на AdSense системот која користи машинско учење за да ги избере најдобрите реклами и најдобрите места за нивно поставување, дури и на места каде што претходно не постоеле реклами на страницата.
“Вметнете го кодот само еднаш на сите ваши страници и препуштете Google да се погрижи за сè друго“, соопшти компанијата во својот блог, промовирајќи ги овие нови автоматски реклами.
Издавачите нема да мора да отстрануват постоечките, рачно поставени реклами, за да ги користат новите автоматски реклами бидејќи, како што тврдат од Google, овие автоматски реклами нема да влијаат на нив.
AdSense на Google веќе прикажува реклами за кои смета дека ќе бидат најефикасни, врз основа на фактори како што се содржината и публиката на сајтот. Но, новите автоматски реклами додаваат уште едно ново ниво на машинско учење за да ги подобрат резултатите и да најдат неискористен огласен простор каде што може да се појават нови реклами, тврди Google. Овој потег ја нагласува пошироката промена во Google за вклучување на вештачката интелигенција во речиси сè што прават.
Во постот не се наведува дали оваа опција го ограничува пласманот на прикажаните реклами за да го заштити сообраќајот на издавачот во пребарувањето. Имено, алгоритмот за пребарување на Google полошо ги рангира веб-страниците во резултатите доколку тие се преоптоварени со реклами, а тимот за пребарување на Google не работи директно со тимот на AdSense.
Исто така не е јасно како издавачите можат да следат каде се прикажани рекламите и каков им е ефектот. Претставникот на Google само изјави дека програмата за автоматски реклами ја следи густината на рекламите и дека не би требало да влијае на рангирањето на издавачот во пребарувања.
“Наоѓањето време за создавање одлична содржина за вашите корисници е суштински дел од вашиот издавачки бизнис“, напиша на блогот Том Лонг, раководител на програмата AdSense на Google. “Автоматските реклами користат машинско учење за да донесуваат одлуки за паметно пласирање и монетизација во ваше име, заштедувајќи ви време на тој начин.”