Корисниците кои го користат YouTube како услуга за бесплатно слушање музика ќе мора да се соочат со повеќе реклами или ќе плаќаат претплата
Лиор Коен, шеф на одделот за музика на видео сервисот YouTube, на музичкиот фестивал South by Southwest зборуваше за иднината на музиката на нивната платформа. Според него, корисниците што доаѓаат на YouTube само за да слушаат музика бесплатно, и тоа подолго време, ќе мора да “трпат” се повеќе реклами кои ќе им се прикажуваат меѓу музичките спотови.
Ова е цената што ќе треба да ја платат ако сакаат да продолжат да слушаат музика бесплатно, а рекламите ќе може да се избегнат доколку се одлучат да изберат да плаќаат претплата. Досега, YouTube немаше премногу успех во продажбата на музички претплати, но овој пат сè треба да биде поинаку.
На корисниците кои често и подолго време слушаат музика, прво ќе им се пуштаат поголем број на реклами и со тоа ќе им се прекинува слушањето. А доколку одлучат да станат претплатници, покрај искуството да слушаат музика без иритирачки реклами, ќе им се понудат и ексклузивни дополнителни видео и аудио содржини, кои љубителите на музиката треба да ги натераат на плаќање претплата.
Новиот систем за претплата веќе интерно се тестира од страна на голем број вработени, а наскоро откако ќе стапи во функција, ќе биде проследен и со голема маркетинг кампања – која на YouTube треба да му обезбеди поголем дел од колачот од растечкиот сегмент на дигитален стриминг на музика.