Наоми Кембел, еден од најпознатите модели во светот, во мај 2017 година, на својот профил на Инстаграм стави навидум обична фотографија, која во никој случај не се издвојуваше од другите фотографии на нејзиниот профил, но постоеше сомневање дека сепак не се работи за обичен пост.
Имено, споменатата фотографија, на која се наоѓаат три патнички куфер во хотелска соба, изгледаше како и секоја друга, која некоја позната личност која често патува ќе ја постави на својот профил и многумина не забележаа дека во постот е означен и Globe-Trotter – луксузен производител на куфери. Така, не беше јасно дали Кембел за поставувањето на фотографијата добила одредена сума на пари или пак, се работи за спонтана и искрена фотографија, која нема никаква врска со маркетинг.
Проблемот е во тоа што во наведениот постот не е наведено дали се работи за реклама, па оние кои го следат моделот, фотографијата може да ја доживеат како искрена препорака за производите на споменатата компанија. Ова го привлече вниманието на Американското тело за грижа на потрошувачите и Федералната комисија за трговија, па во септември 2017 година во Инстаграм сандачето на 21 инфлуенсери им стигна прашањето дали тие се платени за рекламирање на одредени производи. Меѓу инфленсерите до кои е поставено ова прашање, се најде и Кембел, која во оваа прилика одговори дека нема финансиска корист од компанијата Globe-Trotter, но сепак инцидентот го привлече вниманието за малку непријатната вистина за светот на рекламирање на социјалните мрежи: границата помеѓу платените и “искрените, спонтани” постови често е невидлива за просечниот потрошувач.
“Инфлуенсер маркетинг”, во рамките на кој “корисниците со висок профил” се платени да рекламираат некој производ, е еден од најнапредните делови на маркетинг индустријата во последно време, па се проценува дека оваа гранка, која не ни постоеше пред само пет години, до 2020 година ќе генерира профит од над 10 милијарди долари. Фејсбук, Инстаграм и Твитер веќе ги прилагодија своите сервиси на овој начин на рекламирање, на начин овие рекламни постови да не се разликуваат од обичните, но овој начин на рекламирање отиде уште еден чекор напред и огласувачите денес директно им се обраќаат на инфлуенсерите, па тие за одреден надомест поставуваат видео содржини и фотографии кои рекламираат некој производ.
Овој начин на рекламирање е ефикасен затоа што препораката е најдобар начин да се истакне некој производ, па денес она што корисниците со висок профил го поставуваат на социјалните мрежи се доживува како “препорака до пријателите.” Така, подемот на инфлуенсер маркетингот се` повеќе го привлекува вниманието на регулаторните тела, кои се загрижени дека обичните корисници често не можат лесно да проценат кога станува збор за обичен пост, а кога за реклама и од корисниците кои имаат многу следбеници бараат да посочат кога станува збор за маркетинг содржина, со цел да стане јасно дека производот го препорачуваат заради тоа што добиле одреден надомест за тоа, а не затоа што тие лично стојат зад производите за кои тврдат дека поседуваат одреден квалитет. Иако се наведува дека помладите корисници, за кои обично се наменети овие реклами, знаат како да направат разлика помеѓу обичниот и рекламниот пост, се очекува дека наскоро овој процес ќе биде регулиран со одреден прописи.