Експертите за маркетинг сега можат да усвојат целосно персонализиран пристап за пренесување на пораката, а во тоа можат да им помогнат и бихевиоралните науки. Единствена препрека за овој пристап се скандалите како онај поврзан со компанијата Кембриџ Аналитика, кои можат да го загрозат персонализираниот маркетинг, пред да биде тестиран до крај од страна на експертите.
Најважно е дека проценката за целата оваа област, не се донесува врз основа на поединечни скандали, па важно е да се разбере целиот процес, како од страна на оние кои планираат да ги усвојат таквите маркетинг стратегии, така и оние кои би можеле да станат целна публика. Покрај тоа што предизвика скандал, случајот со Кембриџ Аналитика го покрена и прашањето за ова рекламирање за кое до тој момент не се знаеше многу, а кое се базира на психолошките профили на корисниците, до кои се доаѓа врз основа на личните податоци, а кои се искористени за изнаоѓање начини за подобро пренесување на пораката.
Поточно, она што компанијата Кембриџ Аналитика го дозна за потенцијалните корисници и` овозможи да ја нијансира пораката што сака да ја пренесе, односно наместо пласирање на истата порака на широк спектар на клиенти, својата комуникација да ја прилагоди за поединци и да им се обрати во согласност со тоа како тие го гледаат светот. И тоа е причината зошто некои го сметаат персонализираното огласување за темна страна на маркетингот, но бихевиоралните експерти посочуваат дека постојат корисни начини за употреба на личните податоци на корисниците, се` додека се постапува во согласност со етиката. Ова важи и за персонализираниот маркетинг, бидејќи разумниот увид во личните податоци им овозможува на огласувачите подобро да се поврзат со корисниците, нудејќи им производи и услуги кои се во согласност со нивните потреби.
Американската психолошка асоцијација ја дефинира личноста како “индивидуални разлики во начинот на однесување, чувствање и расмислување“, а врз основа на кои поединецот го толкува светот и се прилагодува. Познавањето на овие аспекти на маркетинг специјалистите може да им овозможи да им ги понудат на поединците оние производи и услуги кои најдобро ќе ги задоволат нивните потреби, бидејќи ниту еден огласувач не сака да го презентира она што на корисниците не им е важно.
Податоците за корисниците се собираат одамна, преку добро познати прашалници, кои содржат неколку десетици до неколку стотици прашања, со што им се овозможува на огласувачите да стекнат општ увид во психолошките профили на корисниците. Сепак, овој тип на тестирање се повеќе се препознава како несигурен, бидејќи испитаниците различно одговараат на некои прашања кога знаат дека се работи за истражување. Поради тоа, пред пет години се појави дигиталната психометрија, која користи дигитални отпечатоци на корисниците, кои вклучуваат Фејсбук активности, твитови, историја на интернет прелистување, со цел, со потребната согласност од корисниците, да се утврди нивниот психолошки профил. На тој начин, во едно истражување спроведено во 2012 година, компјутерските алгоритми, врз основа на активностите на Фејсбук, можеа да направат подобра проценка за личноста на некој корисник отколку неговите колеги, пријатели или членови на семејството.
Иако оваа стратегија е сеуште на почетокот на својот развој, се повеќе постои тенденција на прилагодување на маркетинг стратегиите на проценките за личноста на корисниците, кои се добиени врз основа на нивните дигитални отпечатоци, а научните докази одат во прилог на тоа дека ефикасноста на маркетинг пораките може да да се зголеми со нивно прилагодување на психолошките профили на индивидуалните корисници. Единствениот проблем е што овие докази доаѓаат од лабораториски услови, а сеуште е непозната корисноста од примената на овој вид огласување во реалниот живот.
Маркетингот кој се заснова на личноста на корисниците е само еден аспект на новиот пристап кон разбирање на луѓето, а некои експерти предвидуваат дека некои “човечки ирационалности” наскоро би можеле да бидат декодирани, што ќе доведе до подобро толкување на она што ги подигнува поединците, а на луѓето останува да одлучат дали ќе ги употребат овие методи на разумен начин, кој би довел до позитивни резултати или за манипулација и експлоатација.