Лондон планира да ги забрани рекламите за брза храна во системот на градскиот јавен сообраќај во рамките на борбата против дебелината на децата, изјави градоначалникот Садик Кан
Речиси 40 проценти од децата на возраст меѓу 10 и 11 години во Лондон се со прекумерна тежина или се дебели, според истражувањето спроведено за британскиот Парламент.
– Дебелината кај децата во Лондон е темпирана бомба и решен сум да дејствувам. Ако не се преземат смели чекори, тоа ќе се одрази лошо на младите и ќе значи уште поголем притисок врз здравствениот систем – изјави Кан.
Забраната ќе се однесува за малопродажните ланци чии производи содржат високо ниво на масти, сол и шеќер, како што е случајот со “Мекдоналдс”.
Рекламирањето на храна и пијалаци му донесе околу 20 милиони фунти на транспортниот систем во Лондон во текот на финансиската 2016/2017 година. година. Портпаролот на кабинетот на градоначалникот вели дека околу две третини од оваа сума се однесува на производи на храна и пијалаци кои содржат високо ниво на масти, сол и шеќер. Националниот центар за социјални истражувања, како и британскиот Центар за истражување на рак, откриле дека рекламирањето на нездрава храна, особено кога целна група се децата, создава дополнителен притисок врз децата и семејствата при изборот на храна.