Стравувањата за измами и лажните ветувања принудија уште еден технолошки гигант да ги забрани рекламите за криптовалутите
Мајкрософт се приклучи на серијата технолошки играчи од Силиконската долина кои го забранија рекламирањето поврзано за криптовалути. Поради стравувањата за измами и лажни ветувања, Мајкрософт одлучи да ги забрани овие видови на реклами на своите платформи, вклучувајќи ги и пребарувањата на пребарувачот Bing.
Слична забрана веќе имаат воведено голем број на технолошки гиганти, вклучувајќи ги Фејсбук, Гугл и Твитер, со објаснување дека причината за забраната е основаното сомнение во криптовалутите како што е Биткоин, со оглед на недостатокот на регулатива за овие валути, што нивните корисници ги изложува на ризик.
Објаснувајќи го својот потег, од Microsoft изјавија: “Секогаш ги проценуваме нашите правила за да обезбедиме сигурно и привлечно искуство за корисниците на Bing и екосистемот на дигиталното огласување. Бидејќи криптовалутите и сродните производи не се регулирани, сметаме дека претставуваат можен зголемен ризик за нашите корисници, бидејќи оставаат простор за луѓето со лоши намери да користат предаторски методи или на друг начин да ги лажат потрошувачите. “
Забраната ќе стапи на сила во јуни, но овие вести веќе имале влијание врз и онака нестабилната вредност на биткоинот.