Некои маркетери веруваат дека овој потег од Амазон е знак дека компанијата се подготвува за сопствена огласувачка понуда
Амазон престана да купува популарни видови реклами на Google, известува AdAge, повикувајќи се на добро информирани извори. Овој потег го продлабочува раздорот помеѓу двата технолошки титани и ја сигнализира растечката амбиција на Амазон на пазарот на дигиталното огласување.
Повлекувањето се однесува до многу посакуваните видови на реклами кои се појавуваат на врвот од резултатите од пребарувањето на Google, за кои огласувачите на електронска трговија редовно се натпреваруваат и добро плаќаат за пласирање на шарени реклами за производите.
Амазон започна да ги купува овие реклами кон крајот на 2016 година. Тогаш овај гигант за е-трговија влезе во конкуренција со малопродажните ланци како што е Walmart и тоа преку онлајн аукции на Google, преку кои се одлучува кои реклами ќе се појавуваат на врвот на резултатите, кога корисниците ќе направат пребарувања како “каубојски чизми” или “модерни каучи”.
Маркетинг компанијата Merkle прва го забележа ненадејното заминување на Амазон на 28 април, анализирајќи ги податоците за рекламите на Google што ги следи за своите корисници. Директорот на истражувањето на Merkle, Енди Тејлор, на својот блог напиша дека целата работа изгледа како Амазон доброволно да ги паузира овие шопинг кампањи.
Губењето на Амазон е удар за шопинг огласите на Google, кои се покажаа како огромен финансиски успех. Google не ги открива приходите од овој производ, но надворешните проценки покажуваат дека овој тип на реклами пораснал три пати побрзо од обичните реклами на Google во пребарувањата во текстуална форма. Амазон главно ги купуваше овие реклами за производи како што се канцелариска опрема, мебел и атлетска облека, тврдат од Merkle. “Веројатно трошиле 50 милиони долари годишно, но можеби и повеќе од тоа”, вели Тејлор.
Амазон одби да коментира, додека портпаролката на Google кратко одговори: “Иако не коментираме поединечни клиенти, не е невообичаено тоа што понекогаш огласувачите ги прилагодуваат своите кампањи”.
Zappos и некои други подружници на Амазон сеуште прикажуваат Google Shopping огласи, но треба да се напомене дека овие оддели се водат независно од матичната компанија, а исто така ги користеле рекламите на Google многу долго пред Амазон да започне да лицитира за овие реклами, тврди Merkle .
Некои маркетери го толкуваат потегот на Амазон како знак дека компанијата се подготвува да ја забрза сопствената понуда за дигитални реклами, што веќе беше побарано од страна на огласувачите и акционерите на Амазон. Компанијата има потенцијал да го предизвика дигиталниот дуопол на Гугл и Фејсбук, но досега полека се шири на ова подрачје.
Во моментов, Амазон нуди слични спонзорирани реклами за производи на својата e-commerce платформа. Компанија Mizuho Securities USA Inc неодамна процени дека рекламите за производи на Google се четири пати поефикасни од оние на Амазон, но исто така заклучи дека Амазон може да ја подобри својата понуда и да му се закани на Google. Mizuho, исто така, вели дека поголемиот дел од вложувањата во реклами на Амазон доаѓа од трговците што се префрлаат од традиционалните офлајн реклами и дека засега тоа не претставува закана за приходите на Google.
Сепак, други аналитичари го гледаат онлајн досегот на Амазон, претплатничката база и услугите за гласовно пребарување како што е Алекса, како најголема закана за работењето на Google. Поширокиот “конфликт” во оваа област на рекламирање може да ја направи оваа година уште понеизвесна.