На овогодинешниот фестивал во Cannes Lions, многу жени може да дојдат облечени во црно по повик за солидарност на движењето #WomenCannes, кое сака да ги посочи проблемите со кои се соочуваат жените
Новото движење наречено #WomenCannes е лансирано со мисија за зголемување на видливоста на жените во огласувачката индустрија, a по повод Меѓународниот фестивал на креативност Cannes Lions. Мисијата на ова движење е борбата против сексуалното вознемирување во огласувачката индустрија и промовирањето на жените на повисоки позиции, а дел од оваа мисија е и нивниот повик до сите жени да покажат солидарност и да се појават облечени во црно на фестивалот.
“Фестивалот во Кан претставува сцена за многу пријавени и непријавени несоодветни сексуални однесувања во огласувањето. Сè додека жените остануваат недоволно застапени на повисоките нивоа и сè додека ги нема на сцената да ги преземат освоените награди, ништо од тоа нема да се промени. Затоа, оваа година, ќе носиме црно во Кан, во знак на солидарност и сигурност за оние кои ќе присуствуваат. Но и затоа што многу жени кои се вредни за признание, сеуште се изоставени “, наведува движењето на нивната веб-страница.
Меѓу другото, оваа страница содржи и хаштаг #TimesUpAdvertising, која претставува слична група во САД, која исто така укажува на проблемите со кои се соочуваат жените во огласувачката индустрија, а особено сексуалното вознемирување и нееднаквоста на половите.
Оваа иницијатива, исто така, претставува продолжение на бројни слични иницијативи кои во последно време се појавија во светот и обележале бројни фестивали, а особено движењата #MeToo и #TimesUp.