Автор: Катерина Славова – директор на EasyPlatform во Македонија.
Со зголемената употреба на интернетот, дигиталното рекламирање се претвори во задолжителен дел од маркетинг миксот на големите компании и брандови во светот, а и во Македонија. Честопати тоа е единствениот начин да се допре до корисниците кои не се навикнати да ги следат класичните медиумски канали (телевизија, радио, вестници итн). Од друга страна рекламирањето на интернет е достапно и секој може сам да стартува реклама во одредена социјална или рекламна мрежа. Но, интернет рекламирањето има свои специфичности и доколку не сте запознаени со нив ризикувате да потрошите пари без да добиете резултат. Посебно тоа се однесува на малите бизниси, кои немаат сопствени маркетинг менаџери и стручни луѓе, да ги планираат и анализираат нивните дигитални активности. Затоа ќе ги наброиме најважните работи кои треба да ги знае секој кој сака да се рекламира сам на интернет.
- Рекламирањето на интернет НЕ е толку едноставно
Навистина, пристапот до различни платформи и мрежи за рекламирање е слободен – нема потреба да барате различни понуди, да водите комплицирана комуникација со претставници на медиумски куќи итн. Но, откако ќе создадете свој акаунт ќе треба да ги знаете одговорите на многу прашања – какви опции нуди соодветната мрежа, какви реклами овозможува, до каква и колку голема таргет група може да достигне, каков е принципот на наплата и најважно – како може да ги следите и анализирате резултатите. Затоа пред да стартувате реклама (дури и пробна со минимален буџет), прочитајте повеќе за можностите кои ги нуди соодветната мрежа и анализирајте како истата може да му помогне конкретно на вашиот бизнис.
- Лош landing page = неуспешна рекламна кампања
Многу често малите бизниси се заинтересирани за рекламирање на интернет и спроведуваат различни активности, само бидејќи имаат слушнато дека истите се ефективни и функционираат за некој друг. Но, за да имате успешна реклама на интернет, потребно е да ја изградите целосната потребна инфраструктура за тоа – да имате добри реклами, да го одберете правилното место за поставување, да ја одберете публиката до која ќе ги прикажувате, и на крај – да ги носите овие корисници до крајна точка каде што можат да го разгледаат или купат вашиот производ. Таа крајна точка може да биде вашиот веб сајт или одредена страница (landing page) каде што детално е објаснета понудата која се рекламира. Во одредени случаи би можеле како landing page да ја користите и својата Facebook фан страница, но имајте во предвид дека таа не може да го замени сопствениот веб сајт.
- Рекламирањето на Facebook НЕ е универзално ефективно за сите
Facebook се претвори во фактор во животот на современиот човек и благодарение на него бизнисот има пристап до голем број на активни корисници. Но важно е да се знае дека Facebook не е универзалниот рецепт за успешна дигитална кампања. Facebook корисниците се најчестo расположени за опуштена и забавна комуникација. Затоа, доколку продавате гардероба, накит, парфеми, патувања или слично имате голема шанса за успех. Но доколку продавате финансиски производи на пример, ќе ви биде потребна исклучителна креативност и повеќе пробни кампањи за да имате успех на Facebook.
- Употребувајте повеќе дигитални канали за поголем ефект
Најчесто малите бизниси имаат строго ограничен буџет за рекламирање, но со правилна стратегија имате поголеми можности да изградите успешна дигитална стратегија. Основните чекори кои треба да ги поминете, за да бидете успешни онлајн се следните:
- Создадете свој сопствен веб сајт
- Погрижете се за Google оптимизацијата и присуството на Google Maps
- Создадете Facebook, Instagram и/или Linked In страница и ажурирајте ги редовно
- Создадете база со корисници кои се согласни да добиваат рекламни пораки од вас (преку email, Facebook или друг канал)
И не заборавајте – на интернет е најважно да бидете креативни, па дури и забавни. Подгответе ги внимателно своите дигитални активности, но и уживајте во комуникацијата со своите корисници. Тие дефинитивно ќе го ценат тоа