Американската кабловска ТВ компанија Comcast во четвртокот ја зголеми својата понуда за европската ТВ група Sky на 26 милијарди фунти (34 милијарди долари), со што продолжува конкуренцијата со 21 Century Fox (21CF) за контрола над групата со седиште во Лондон.
Еден ден претходно 21st Century Fox ја зголеми вредноста на својата понуда за Sky на 24,5 милијарди фунти, надминувајќи ги тогашните 22 милијарди фунти на Comcast.
Медиумите гиганти, вклучувајќи го и Дизни, се тркаат за превземање на Sky кој во Европа има 20 милиони претплатници, а е примамлив и поради преносот на фудбалските натпревари од англиската Премиер лига.
“Веруваме дека ова е една одлична компанија и добро надополнување на нашиот бизнис. Денешното соопштение дополнително го нагласува ова верување на Comcast и подготвеност да биде сопственик на Sky“, се вели во соопштението од Comcast.
Нивната нова понуда се темели на цената од 14,75 фунти за акциите на Sky, додека 21st Century Fox понудил 14 фунти.
Меѓутоа, во 21CF ја одложија презентацијата на понудата до акционерите на Sky додека не добијат потребна дозвола од британските власти. Американската компанија моментално поседува 39 отсто од акциите во Sky, а нивната понуда е за останатите 61 проценти.
Британската влада ги закочи нивните долгорочни напори за целосно превземање на Sky, плашејќи се за ограничувања на медиумскиот плурализам и влошување на стандардите за емитување, како и прекумерното влијание на неговиот сопственик, медиумски магнат Руперт Мардок.
Битката за контрола на Sky се води во сенка на уште поголемиот натпревар за контрола на имотот на Фокс, како што се филмските студија, кабловска телевизија и списанието National Geographic, потсетува BBC.
Во јуни, Дизни ја зголеми понудата за овај имот на 71,3 милијарди долари (54 милијарди фунти) во готовина и акции. Според оваа понуда, Фокс би ги задржал Fox sports, Fox News и Fox Television Stations и би ги обединил во нова компанија “New Fox“.
Етаблираните медиумски компании како Дизни се во потрага по аквизации кои ќе им помогнат подобро да се справат со конкурентите како Нетфликс и Амазон, пишува Би-Би-Си.