Оваа технолошка компанија неславната титула на најголем дневен пад на берзанската вредност во историјата на САД ја постигна благодарение на рекордниот пад што беше забележан на Wall Street во четвртокот
Акциите на компанијата паднаа за дури 19%, на околку 176,26 долари откако инвеститорите беа разочарани од продажбата и порастот на бројот на корисници.
Мерено со пазарна капитализација, тоа е загуба од 119 милијарди долари и ова е историски најголема загуба на една компанија на пазарот на капитал во САД.
Ова е втор ден по ред од огромниот пад на акциите на Фејсбук, кои следеа по најновата прогноза на работењето на компанијата.
Се проценува дека голем пад на вредноста на акциите доаѓа заради загриженоста на акционерите после предупредувањето на Фејсбук до инвеститорите дека растот на приходите е слаб, а трошоците се зголемуваат.
Прогнозата за приходите на Фејсбук е резултат на соочувањето на компанијата со реакцијата поради аферата со лажните вести и корисничките податоци.
Од компанијата изјавија дека очекуваат зголемување на трошоците за 50 отсто и повеќе, бидејќи се обидуваат да ги подобрат методите за следење на содржината, да ги следат огласувачите и да ги третираат корисничките податоци – областите во кои се соочува со регулаторна контрола.
Компанијата, исто така, ги предупреди инвеститорите дека растот на приходите ќе биде загрозен, бидејќи луѓето ги користат новите опции за ограничување на рекламирањето и помалку профитабилните странски пазари.
Фејсбук, исто така, ги поседува и Instagram и WhatsApp.