Модниот бренд Burberry претстави два нови елементи на својот бренд идентитет оваа недела: прекрасен преплет со нов монограм од иницијалите на основачот Томас Бурбери и ново минималистичко лого за кое има поделени емоции.
Ова е првиот редизајн на бренд идентитетот на Burberry после скоро две децении и се случува под раководство на новиот креативен директор Рикардо Тишчи кој дојде на таа позицијата на почетокот од годинава, заменувајќи го Кристофер Бејли после 17 години.
Ребрендирањето е дело на познатиот британски дизајнер Питер Савил, кој стои и зад легендарниот омот на албумот Unknown Pleasures на бендот Joy Division, како и редизајнот на логото на Calvin Klein во 2017 година.
Burberry јавно објави неколку од мејловите кои си ги размениле Пит Савил и Рикардо Тишчи, од кои се открива дека дизајнерот добил само четири недели за да ја заврши работата, на што Савил одговорил: „Вие сигурно сте луди. За ваков проект се потребни четири месеци!“
На крај, резултатот бил минималистичко лого со големи букви во „sans serif“, додека пак новиот монограм бил инспириран од материјали од архивата на компанијата Burberry.
Монограмот наиде на топло добредојде од модните новинари и помешни чувства од фановите на социјалните медиуми. Истото не може да се каже за минималистичкото лого кое наиде на големи критики онлајн со коментари како „Изгледа како да било направено во Microsoft Word“ и „Претходното лого секогаш зрачеше стил и класа, а ова изгледа едноставно ефтино“.
Меѓутоа, креативниот директор Рикардо Тишчи застана силно во одбрана на делото на Савил, нагласувајќи дека „Питер е еден од најголемите дизајнерски генијалци на нашата генерација. Многу сум среќен што соработувавме заедно во развивањето на новиот визуелен јазик на нашата „куќа“.
Што мислите Вие?