Поранешната фудбалска ѕвезда Дејвид Бекам е главниот протагонист во новата реклама „Тоа е вкусот“ за Sands Resorts Macao, создадена од агенцијата Saatchi & Saatchi Greater China.
Во триминутниот спот низ улиците на Макао, легендарниот фудбалер зборува мандарински (официјалниот дијалект на кинескиот јазик) и е придружуван од страна на кинеските ѕвезди Луо Лан, Лам Сует, Лиу Јан, Чао Ту Јун, Киао Шан и Јанг Ди, потсетувајќи се на вкусот на најдобрата мини-пита со јајце (специјалитет во Макао) која ја јадел.
Групата потоа се упатува во потрага по оригиналната мини-пита со јајце и љубезната постара госпоѓа која ја прави.
Рекламата е режирана од страна на Traktor и продуцирана од Stink Films, а директор на фотографија е Николас Каракацанис.
„Макао е град со силна култура, нашата амбиција е преку овој краток филм да им помогнеме на Sands Resorts Macao да го прослават уникатниот имиџ на градот,“ изјави Фан Наг, генералниот креативен директор на Saatchi & Saatchi.
Но спотот не помина и без контроверзија. Имено, по неговото објавување, повеќе луѓе на интернет ја критикуваа употребата на мандаринскиот дијалект пред кантонскиот дијалект кој е најшироко распространет во Макао.